Заштедете си ги стапалата
Тоа што стои меѓу вас и подлогата на која што си го одработувате дневниот фикс за трчање се вашите стапала и нозе па оддадете им малку почит и научете како правилно да ги штедите, затоа што од овој пар не можете да си купите нов.
Во продолжение ќе направиме осврт на неколку аспекти од трчањето како физичка активност и реперкусиите кои може да настанат врз вашите стапала, нозе и тело односно правилниот пристап што би можеле да го направите за да не настрадате.
Трчањето како редовна физичка активност, тренинг или нешто повеќе
Повредите на стапалото и скочните зглобови многу често знаат да произлезат од претераното тренирање и краткото време за опоравок што е честа грешка кај новопечените, но и кај понавлезените луѓе во овој спорт.
Квантитативното „премногу за прекратко“ може да доведе до состојби како плантарен фасцит (болка на сводот од стапалото), стрес фрактури и разни други незгодни ситуации. Затоа не се обидувајте да ги надокнадите километрите кои сте ги пропуштиле во претходните сесии туку секогаш бидете си претпазливи во должините па и подлогата на која ги минувате тренинзите.
Обавезен дел: оддадете квалитетно и доволно долго време за опоравување, особено по подолгите стази затоа што телото ќе стане посилно само ако му дадете време постепено да се адаптира.
Одберете добри патики, ама и техника
Во врска со овие две ставки сметаме дека е најарно да си се консултирате со професионален тренер по атлетика кој ќе ве упати низ џунглата од сите информации кои кружат низ интернетот и низ муабетите на луѓето. Дополнително, имајте на ум дека добрата патика е важна, но уште поважен е начинот на кој ја газите.
Крос-тренинг
Било која друга физичка активност комплементарна на трчањето е одличен начин за да одржите здрави стапала бидејќи колку подобро ви е развиена целата останата мускулатура и имате подобра става, вашите стапала ќе бидат помалку изложени на повреди. Запомнете дека телото функционира како кинетички ланец, а една слаба врска во тој ланец може целосно да ве извади од баланс.
Правете добри и редовни истегнувања, вежбајте пилатес, пливајте, возете велосипед, и дигајте тегови се` со цел физички да се издигнете како една целина.
Препознавајте ги повредите
Ако боли, е црвено и отечено тогаш ставате точка за овој пасус. Внимавајте на аналгетиците бидејќи често знаат да ги замаскираат симптомите на повреда и обавезно консултирајте се со стручен медицински персонал.