Наслов

Не иде, од фотелја на скии!

Ако Вашиот ценет задник 360 дена удобно бил паркиран на вашето работно или неработно фотељче и после тоа сакате да уживате 5 дена во некоја скијачка убавина, претходно сериозно размислете и одлучете дали сте доволно спремни за тој потег!

Зимските спортски активности се повеќе завземаат пристојно место во нашата животна агенда. Снежно белиот свет во комбинација со спортските активности овозможуваат извонреден начин за бегство од монотоните секојдневија. Специфичните услови, при скијање и уживање на планина во зима го менуваат функционирањето на целокупниот организам, свеста, размислувањето и заедно со физичките активности се главните активатори за лачење на хормонот на среќата – серотонинот.

Но, опијатните благодати на серотонинот ќе ги осетите само ако претходно се запознаете со доволно информации, совети и препораки кои може да ве спасат од тотално уништување на целиот зимски одмор кое најчесто се случува уште на првото спуштање.

За добар менаџмент на вашиот зимски лајфстајл потребно е да направите соодветна проценкa со висока доза на самокритичност пред да ги јавнете вашите скии и бордови.

Интересно е да споменеме дека најмалку повреди имаме кај искусни и спремни скијачи иако тие се впуштаат во многу поголеми опасности од рекреативците. Тие се психофизички доволно спремни, со искуство во преценката на терените и сето тоа поткрепено со квалитетна и редовно сервисирана опрема.

Најчести жртви на повреди на скијачките патеки, непатеки, обележани, необележани, дозволени и недозволени падини се обичните луѓе - аматери, деца и некои кои сакаат само малку да пробаат. Оваа група на скијачи и бордери, гледајќи ги другите добиваат лажен впечаток за сигурност, со лоша проценка на ситуацијата.

„Нема лоша стаза, лош снег, нема лош ден ниту пак малери. Има лоша проценка на можностите и способностите т.е. искуството и знаењето во сооднос со предизвикот на тежината на стазата, квалитетот на снегот, временските услови и лошата, несоодветна опрема."

Статистиката водена во големите скијачки центри вели дека на 2000 присутни скијачи и бордери во еден ден има 3.84 повреди или ако сакате скандинавски бројки, на 1000 скијачи имаме 1-10 повредени кои бараат медицинска интервенција. Тоа е бројка која треба да не загрижи и да ни биде добар стимул за добра физичка подготовка.

Стручњаците препорачуваат општи и пред се специфични вежби (тоа се вежби за поедини мускулни групи и зглобни) во траење од три месеци. Интервентен тајминг за најосновна припрема пред скијање е минимум седум дена - ПОДОБРО НЕШТО, ОTКОЛКУ НИШТО.

Препорачани вежби во припремен период

  • Вежби за зголемување на аеробниот капацитет. 2-3 пати неделно трчање, брзо одење, пливање, возење точак, тенис и др.
  • Вежби за снага и издржливост на поедини мускулни групи. Вежби за надколена мускулатура, предна и задна ложа, вежби за подколеница, грбна, стомачна и слабинска мускулатура се основен таргет.
  • Вежби за флексибилност, истегливост.
  • Вежби за координација, балансираност.

Во припремниот период особено треба да се обрне внимание на санацијата на некои предходни состојби и повреди. Пред сè, треба да се обрне внимание на болестите и повредите на колените зглобови со проценка на нивната стабилност, карлицата и 'рбетниот столб.

Никогаш нема да бидат на одмет одредени компјутерски проверки за степенот на издрзливост и мускулна снага. Во основниот пакет на превентивни мерки се препорачуваат и содветни кардиолошки и белодробни тестирања.

Навременото сервисирање на вашата опрема опфаќа, проверка на функцијата на вашите везови, проверка на состојбата на скиите и вашата заштитна облека. Кацигите се важен заштитен дел од опремата на скијачите и бордерите, а заштитата од УВ зраците со соодветни очила е само мотив за нивна примена.

Предложените превентивни мерки се услов за ваше уживање со комплетна психофизичка релаксација.

15 Јануари 2013

За авторот