Заштитете се од...

Снежно слепило – како правилно да се заштитиме

Едно од најчестите проблеми кои можат планираното спортско уживање на снежно белите сончеви падини да го направат краткорочен кошмар е СНЕЖНОТО СЛЕПИЛО (фото керато коњуктивитис).

Сонцето од севкупната своја енергија врз земјата емитира двемилијардити дел, кои чуда прави во одржувањето на биолошката рамнотежа. Биолошко значење секако имаат ултравиолетовите зраци(УВ) и инфрацрвените зраци(ИЦ)

Ултравиолетовите зраци се поделени во три спектра во зависност од нивната бранова должина. Најштетните се тие со најкуса бранова должина и по среќа наша тие се губат во високите слоеви на атмосферата односно стратосферата. Тие се УВ-Ц и се со спектар од 100-280 нано метри. Другите два типа УВ-А и УВ-Б се во спектарот од 280-315 до 400 нано метри и се одговорни за промените на очните структури.

Секако дека најбитен регулатор на УВ зрачењето е висината на сонцето што зависи од географската широчина, сезоната и се разбира местото каде што сме, односно надморската височина. Од ова следи дека на повисока надморска висина УВ зраците се со поголем интензитет бидејќи поминуваат покус пат. Интензитетот на УВ зраците се зголемува за 4% на секои 300 метри надморска висина.

Честопати се замислуваме како добиваме зацрвенета кожа и снежно слепило во облачни денови особено кога се наоѓаме на планина практикувајќи го омилениот зимски спорт.

Честотата на снежното слепило по престоја на висока надморска височина веднаш го лоцира и најбитниот етиолошки фактор а тоа е рефлексијата . На снег дури 80% од пристигнатите УВ зраци се рефлектираат, на земја само 10% а на песок 25%.

Истражувањата довеле до заклучок дека очите во текот на денот на плажа се оптеретени со УВ зраци од 260 килоџули по метар квадратен а на снег дури 658 килоџули.

Кожата се прилагодува на УВ зраците со стварање на меланин, но очите немаат таква способност.

Рожницата, конјуктивата и леќата се главните жртви на УВ зраците кои преку низа на фотохемиски и топлотни реакции доведуваат до нивни точкести оштетувања. Соголените сензитивни нервни завршетоци се одговорни за силниот болен синдром.

До појавата на првите симптоми има латентен период од 4-6 часа, некогаш и повеќе. Се јавува силна болка и печење во очите со чувство како да имаме песок под капаците. 

Состојбата се подобрува со ургентно аплицирање на локален анестетик за очи, маслен раствор на витамин А и антибиотска маст. Сите симптоми исчезнуваат постепени за неколку дена, и во голем процент без трајни последици по здравјето на нашите очи. Фотокератитисот (снежно слепило) е непријатна состојба која ни дава и јасни предупредувања за користење на заштита за да се избегнат евентуалните хронични промени (катаракта, птеригиум, карцином на очите)

 Основна превентивна мерка при престојот на планина пред се во зимски периоди е користење на соодветни заштитни очила. Очилата треба да бидат со специфични заштитни филтри кои ги апсорбираат 100% УВА и УВБ зраците. Ваквите типови на очила се препознаваат по ознаката УВ 400 или УВ 380 нанометри. Препорачливо е да бидат во вид на маска со странична заштита и заштита на околната кожа која е многу осетлива и тенка.

Степенот за затемнетоста на очилата не е мерка за заштита бидејќи битен е заштитниот фактор а не бојата. Темните очила ја прошируваат зеницата повеќе од потребно со можност за влегување на повеќе нефилтрирани УВ зраци.

Навиките за користење на заштитните очила во благодетите на снежните убавини и верувањето за нивнотозаштитно дејство се доволен услов да избегнете непријатни последици. Препораките за носење на резервни заштитни очила во вашиот ранец треба сериозна да се испочитуваат најмногу во повеќедневни планинарски тури за да не го доживеете она што авторот на оваа статија никогаш нема да го заборави.

УБАВА ЗИМА!!