Наслов

Есенска перфекција на Караџица и Солунска

Да те послужи Солунска без километар на час ветер е вистински раритет кој го искуси мала група на планинари што реши да го качува овој врв од страната на Планинарскиот дом Караџица викендов. А од врвот, „чудесната земја“ на дланка...

Тродневната посета на најдоминантниот планински масив во централна Македонија од страната на прекрасниот Планинарски дом Караџица одеше по стандардниот редослед. 

Петочки истовар кај рибникот под Преслап, во квечерина и ноќ пешачење преку селото Алдинци до домот, на вечера и сон. Сабајлето во 5:30 на нога и правец за Солунска Глава. 

Преку Споменик и Дуња на фасцинантното Бегово поле каде имавме пауза за појадок. Од таму нагоре до врвот каде уживавме во пространата глетка која ја поседува Солунска. Надолу до Враца на свежа вода, а дел од групата „тркна“ и под Јурукова карпа од каде извира Кадина река. 

По скоро ист пат назад и со малку помош од теренски возила до домот. Истоштени на планинарско гравче и плескавица за вечера која никогаш нема да се заборави.

Неделата беше резервирана за заслужен одмор и прошетка по избор на прекрасната Мумџица, можност до Кадина, Жаба или само уживање на видиковецот во домот.

Покрај сите херои од не многу големата група, Солунска успеа да ја искачи и Ване, шестгодишното детенце кое и после маршот од 30 и нешто километри имаше сила безгрижно да беснее. Како што не известија одговорните во базата на врвот, Ване успеа да стане најмладиот човек што ја качил Солунска и уште поважно, што ја издржа цела рута која ни малку не е лесна. 

27 Октомври 2013

За авторот