Планинарски прикаски

Планинарски дом Караџица

Погледнете и видете, одете и почувствувајте….

Планинарскиот дом Караџица се наоѓа на падините на планината Мумџица која е составен дел на планинскиот масив Јакупица која пак го завзема централниот дел на Република Македонија.

Изградбата на домот е започната во 1952 година, а во свечена употреба за посетителите е пуштен во 1954 година (според кажувања на планинари кои учествувале на отварањето). Домот Караџица, се наоѓа на 1450 м.н.в. и до него може да се пристигне на неколку начини и од неколку правци.

Со возило патот води од Драчево кон селата Д.Количани-Горно Количани-Црвена Вода-Преслап- потоа кон викенд населбата Мала Река, па кон селото Алдинци каде по неколку километри се пристигнува во домот.

Од Драчево до п.дом Караџица има 38км колски пат.

Следна опција за пристигнување со теренско возило е од велешка страна, односно преку селата во општина Чашка- Лисиче- Дреново-Долно Јаболчиште- Горно Јаболчиште-Дом Караџица. Опциите за пристигнување пеш во п.дом Караџица се следни: (скопско)-Преслап-Кадина Река-с.Алдинци-Караџица (од прилика 2.30 часа пешачење), с.Цветово-п.дом Караџица (од прилика 3.30 минути), с.Патишка Река-Салакови Езера-п.дом Караџица (8 часа пешачење), с.Црн Врв-Салакови Езера-п.дом Караџица (6 часа пешачење) (велешко) од п.дом Чеплес-Солунска Глава-П.дом Караџица од прилика 6 часа пешачење.

Со пристигнувањето во домот се отвораат нови опции за планинарење, mountain biking, off roud driving, лов и риболов, и други спортови.

Опции за прошетки со стартна точка п.дом Караџица има многу благодарејќи на живописната природа, ние ќе наведеме неколку кој се најпосетувани, а со тоа и најатрактивни: Каменот Жаба и Кадина Река (30-тина минути пешачење), врвот на планината Мумџица 1569 м.н.в. ( 30-тина минути пешачење), вливот на Салаковска во Кадина река (1 час пешачење), Споменикот во чест на паднатиот руски авион (1.30 час) врвот Сипичан 1790 м.н.в. (2.30 часа пешачење), Бегово Поле 2000 м.н.в.(3.00 часа пешачење), Солунска Глава-2540м.н.в. (5.00 часа), Салакови Езера 2180 м.н.в.(4.00 часа).

Во непосредна близина на домот има повеќе поголеми планински реки и потоци кој се погодни за риболов. Поголеми и позначајни реки се Кадина Река, Салаковска Река, Алијагица, Јуручка Река и Мала Река. Погодни релации за off roud и mount biking се п.дом Караџица-Солунска Глава, п.дом Караџица- с.Горно Јаболчиште, п.дом Караџица-Салаковски Езера и др.

Во близина на планинарскиот дом Караџица се наоѓаат и неколку археолошки локалитети и тоа, “Кале” на вливот на Јуручка во Кадина Река, потоа археолошкиот локалитет Алдинци, како и влашки колиби на Салакова Планина, Драчевски рид, над селото Црн Врв и други.
Околината на домот е богата и со разни видови на шумски плодови, и тоа габи, чаеви, шумски јагоди, боровинки, капини, малини и др.

Во периодот од осамостојувањето на Македонија до денес се сменија повеќе планинарски друштва кои повеќе или помалце го одржуваа домот, а тоа се: Празни Торба, Јосип Франговски-Охис, Кораб-Скопје.

Кога се говори за историјата на планинарскиот дом Караџица, не може, а да не се споменат првите домари во домот Чичко Борис и Тетка Павлина. Тие пристапувајќи кон домот и сите посетителите со својата љубов и ден денес живеат во сеќавањата на постарите посетители кој раскажувајќи ни на нам помладите, ни влеваат чувство дека станува збор за луѓе кој навистина ја сакале планината, природата, домот…

Следни домари кој треба да се споменат се чичко Аким родум од с.Алдинци, Милан и Љубе-Бардак (во време на управување од страна на Охис).

Денес со домот управува спортското планинарско друштво Драчево од Скопје. Од почетокот на нашето управување во домот се извршени доста промени кои одземаат доста финансии, труд и време, почнувајќи од самите соби, главниот салон, прозорци и врати, ставање во функција на две туш кабини, кујна како и хортикултурно уредување на дворот со што п.дом Караџица полека но сигурно го добива ликот кој го заслужуваат сите оние кој уживаат во неговата природа и местоположба.

Домот има капацитет од 15 соби, со 65 кревети. На гостите на располагање им се пондудени кујна опремена со пристојни елементи-прибори, фрижидери и ормани за храна, туш кабини, чиста постелнина, тв со сателитски канали, салон со капацитет од 40 столчиња. Нашето друштво организира превоз до п.дом Караџица и тоа со поаѓање и враќање од пред шумското стопанство Караџица над бензинската во Драчево.

Планинарскиот дом Караџица е еден ако не и единствен планинарски дом кој е отворен за посетителите во текот на целата година. Со нашето започнување со управувањето на домот се забележува постепено но сигурно зголемување на бројот на гости пред се благодарејќи на превозот, и планинарските акции кој ги организира нашето и другите планинарски друштва.

Планинарски настани кој ја одбележуваат годината се неколкуте традиционални маршеви како што е маршот Богомила- п.дом Чеплес-Солунска Глава-п.дом Караџица-М.Манастир-Водно-Скопје, во организација на планинарското друштво Бистра од Скопје, маршот во чест на чичко Јосиф Илковски (домарот на планинарскиот дом на Китка) со релација-Богомила-Чеплес-Солунска Глава-Караџица-Китка-Драчево во организација на планинарското друштво Трансверзалец од Скопје, потоа традиционалното качување на врвот Убава (2344 м.н.в.) и Салакови Езера (2180 м.н.в) организиран од спд.Драчево, потоа планинарската забавата на Бегово Поле (2000 м.н.в) организирана од спд-Македон од Скопје и други.

телефон за контакт: +389 78 431824
имејл адреса: [email protected]

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија