Наслов

Како да слабеете поефикасно во 2016?

Најдобрите научни истражувања за нутриција и слабеење од изминатава година кои ќе ви помогнат да ги потигнете зацртаните цели во оваа што следува...

Малите, ситни измени кои не ви одземаат премногу енергија и време, се вистинскиот начин за да дојдете до големи и трајни резултати. Неколку студии од изминатава година разрешија неколку големи дилеми околу слабеењето.

ПОЈАДУВАЈТЕ ОБИЛНО, ВЕЧЕРАЈТЕ ОСКУДНО

Доколку најголемиот дел од дневниот внес на калории го консумирате претпладне, полесно губите телесна тежина и обратно, доколку најголемиот дел од калориите ги внесувате навечер, на пример со обилна вечера, се зголемува ризикот од обезност.

Има една стара поговорка која вели „појадокот изеди го сам, ручекот сподели го со пријател, а вечерата дај ја на душманите“. Токму тоа го вели и оваа студија  која го испитува влијанието на распоредот на оброците врз метаболизмот. Освен тоа истражувачите заклучуваат дека не слабеете со повеќе помали оброци во текот на денот.

ЧАША ВОДА ПРЕД ЈАДЕЊЕ

Теоријата е дека волуменот што ќе го испиете пред да земете храна ќе предизвика чувство на ситост и ќе внесете помалку калории при оброкот што следува. Испитаниците кои пиеле чаша вода пред секој оброк намалиле повеќе килограми во споредба со контролната група.

Од друга страна водата е есенцијална за живот и немате никаква штета да додадете две-три дополнителни чаши во текот на денот.

РЕОРГАНИЗАЦИЈА ВО КУЈНАТА

Распоредот во кујната може да биде фатален за вашата фигура. Премногуте полици со видлива храна и грицки се кнтрапродуктивни ако се обидувате да се држите подалеку од истите. Исто така и храна оставена на работната маса го зголемува ризикот дека ќе изедете нешто плус. 

Една споредбена студија заклучува дека сопствениците на кујни каде се чува храна, пијалоци и грицки на дофат се подебели од сопствениците на кујни каде истото е сокриено зад физичка бариера. Наместо нездрави работи, чувајте овошје на работните маси.

БИРАЈТЕ ЕДНОСТАВНИ ЗДРАВИ ОБРОЦИ

Тоа здрачи дека можеби „сè умерено“ не е баш добар терк по кој треба да ја креирате вашата исхрана. Ова истражување покажало дека луѓето со највеќе различни намирници во исхраната имаат повисок БМИ и 120% поголем ризик од здебелување во следните 5 години.

Испитаниците кои се хранеле со овошје, зеленчук и јатки имале помали варијации во диетата и килограмите, за разлика од оние кои се хранеле дополнително со различни десерти и грицки иако е запазен дневниот калориски внес.

НЕ НАМАЛУВАЈТЕ ОД СОНОТ

Ендокринолозите докажаа дека просечен возрасен човек губи околу 30 минути од потребниот сон во текот на ноќта за време на работната недела и има сигнификантно поголем ризик од покачување на телесната тежина.

Исто така недоволно сон доведува до поголем внес на калории за 20% и инсулинска резистенција. Затоа луѓе наспивајте се!

05 Јануари 2016

За авторот