Дали претерувате со пиење вода?

Иако потребата да се остане доволно хидриран особено во жешките периоди и при повисока физичка активност е исклучително важна, што ако успеете да претерате со внесување на најважната течност за нашиот организам? Последиците искрено може да бидат сериозни па затоа информирајте се добро пред да залеете беспотребно. 

Во светот на спортот и активниот начин на живот ќе се сретнете со еден тон совети, статии и насоки за тоа како да останете доволно хидриран за ваше оптимално здравје и максимални перформанси. Факт е дека нашето тело во голем процент е изградено од течности и вода, меѓутоа не треба да се заборави дека секогаш постои можност водата да стане „отров” за организмот. 

Состојбата позната како интоксикација со вода е релативно ретка појава, но со оглед на се поголемите и почестите совети за останување во добро хидриран статус особено за време на некој натпревар, трка или понапорна физичка активност, луѓето многу често се во можност да претераат со внесување на оваа течност. 

НЕ Е ДО ВОДАТА, ТУКУ Е ДО СОЛТА!

Она што всушност се случува кога некој ќе претера со внесување на вода (и многу често со екцесивното потење за време на физичка активност на топло време) е нарушување на електролитниот баланс во телесните течности т.е. намалување на концентрацијата на натриум (сол) во крвта. Натриумот (составен дел од изотоничните напитоци) е минерал важен за контролирањето на течностите во разните партии на организмот (клетките, меѓуклеточните течности и крвта) па затоа, во случајот на хипонатремија, водата започнува прекумерно да навлегува во клетките што доведува до низа непосакувани ефекти кои реално може да имаат и фатален исход – белодробен и мозочен едем. 

Исклучително важно за луѓето кои се бават со спорт е тоа што треба да внимаваат на внесот на течностите, но и на степенот на губење на соли при потешките активности особено на топло време кога заедно со потењето се екскретира сол. Овие две работи се во состојба да ве доведат до почетна состојба на хипонатремија, а интересен е фактот што во 2002 година на бостонскиот маратон дури 13% од атлетите завршиле во ваква состојба. 

КОИ СЕ ЗНАЦИТЕ?

Иако голем дел од знаците и симптомите зависат од степенот на намалување на концентрацијата на солите во крвта, хипонатремијата најчесто предизвикува гадење, повраќање, главоболка, конфузија, изнемоштеност, слабост, мускулни грчеви, а посериозните состојби кои можат да завршат и фатално се белодробен и мозочен едем – навлегување на премногу вода во овие органи и последователно оштетување на истите. 

КОЛКУ Е ДОВОЛНО?

Иако ова е вечно дискутирана тема, едноставно поради големиот број на варијабли никогаш не би можеле да ви го дадеме точниот одговор на прашањето колку вода ви е потребно во дадена ситуација. 

Но, затоа тука постојат бројни едноставни насоки за правилно хидрирање и внесување на сол. Слушајте го телото и давајте му вода секогаш кога ви бара. Многу подобра варијанта е да пиете многу често по многу малку, отколку да се наголтате наеднаш – така телото многу подобро ги менаџира течностите и не е во можност да се презасити. Следете некој од овие насоки за да дознаете дали сте или не сте дехидриран и каснете нешто солено ако ви бара организмот. 

Дополнителна важна работа, особено за сериозните атлети е одржувањето на добро хидриран статус со внесување на изотонични напитоци кои во себе содржат доволна количина на соли токму поради оваа работа… 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија