Новости околу експедицијата на Анапурна

Македонецот Здравко Дејановиќ беше дел од мешаната експедиција која на 24.03.2015 година успеа да се искачи на врвот Анапурна I висок 8091 м.н.в, и моментално се наоѓа во базниот камп. За жал, во текот на симнувањето кон четвртиот камп животите ги изгубија двајца членови на тимот Пемба Шерпа и Самули Мансика. 

Ситуацијата околу самата експедиција во која учествуваше Дејановиќ за време на симнувањето беше доста тензична па затоа не сакавме предвреме да известуваме за состојбата во која се наоѓа повеќечлениот тим кој во текот на неколку последователни денови за време на симнувањето има поминато страшен физички и психички стрес. 

Имено, целата експедиција составена од 13 члена на 24.03.2015 успешно се искачи на врвот, но поради голем замор, најкритичниот дел од акцијата, симнувањето, помина лошо каде двајца членови, Пемба Шерпа и Самули Масика ги губат животите. Во екстремно тешки услови со температури до -50 целзиусови степени останатиот дел од тимот принудно преноќува на 7400 метри надморска висина и другото утро се упатува кон камп 4. 

Финецот Самули Мансика бил долгогодишен планинар, алпинист кој има запишано голем дел од Хималајската круна, дури 10 врвови над 8000 метри, меѓу кои К2, Еверест, Чо Оју, Манаслу и други, но десеттата, Анапурна, Самули не успеа да ја спушти и заедно со Пемба Шерпа вечно останаа високо.

На 27.03.2015 останатите 11 членови стигаат во базниот камп откаде со хеликоптер треба да бидат пренесени во Катманду. Сите останати членови имаат доживеано некакви повреди, смрзнатини и психички стрес, но се на сигурно известува и ФПСМ

Со ова искачување Здравко Дејановиќ стана првиот Македонец со искачени три осумилјадарки, Еверест, К2 и Анапурна, што значи и врвен дострел во хималаизмот. 

Му посакуваме безбедно враќање назад во Македонија. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија