На гости кај Пандев

Дождливо утро, доручек и кафе во кола за тимот на K4T.MK и релација Скопје – Струмица. Затоа што еден човек се симна од врвот да полее во подножјето од каде што и самиот тргна да освојува. 

Покана за кафе и муабет беше доволно за да дојдеме и да видиме на лице место во плодната Струмица како Горан Пандев, за кого не треба дополнително претставување, го поминува своето слободно време во родниот град, посветувајќи им се на најмладите.

Изгледавме неколку пријателски натпревари на тимови кои соработуваат со Академијата Пандев од цела Македонија. И подетално разговаравме за овој проект со главниот координаторот Југослав Тренчовски. 

 

ФОТО ГАЛЕРИЈА ТУКА

 

Еве што Југослав ни изјави во краткото интервју кое го направивме.

K4T.MK–  Како дојде до идејата и иницијативата да се започне со проектот “Академија Пандев” и кога започнавте со работа?

Југослав – Самиот проект е благородна идеја на нашиот најдобар фудбалер во моментов Горан Пандев, поттикнато нормално од неговиот долгогодишен пријател и ментор Илија Матеничаров каде во јуни 2010 година стапи на дело и тогаш за прв пат беше формирана “Академија Пандев” во Струмица. Првичната цел беше да ги вратиме ги вратиме децата на фудбалските терени каде поплуларноста на фудбалот во општината беше во надолна линија со испаѓањето на ФК Беласица во понизок ранг на натпреварување.

K4T.MK – Колку деца има во моментов во школата и со каква инфраструктура за тренинг располагате? 

Југослав – Со самото формирање на академијата ние успеавме да собереме некаде околу 240 деца од највозрасната категорија  родени 1997 година, па се до најмалите дечиња родени 2004  година. Паралелно со зголемувањето на интересот за зачленување на децата во нашата академија се отворија и две школи во други градови во Македонија.

Во 2011 година во Штип започна со работа “Академија Постолов Пандев” и во истата година започна да функционира и во Охрид. Со тоа го зголемивме бројот на деца кои земаат учество во тренажниот процес до бројка од 600 деца од кои во моментов, 350 се во Струмица.

Во однос на инфраструктурата можам да кажам дека сме во фаза на градење, сепак ги немаме сите потребни стандарди како што тоа е случај во поголемите школи во европски рамки. Но во иднина со сигурност ќе напредуваме на тој план. Имаме проект со кој ќе бидеме водечки по однос на инфраструктурата во Македонија.

Затоа, веќе во септември ќе биде почетокот на изградбата на тренинг центарот кој што комплетно ќе биде финансиран од Горан Пандев. Овој грандиозен објект ќе чини некаде околу  2,5 милиони евра во кој што спаѓаат терени, спа центар, фитнес, ресторан и пропратни објекти за сместување на нашите деца. Во план ни е да земеме дополнително земјиште во близина на овој центар во кој ќе се направи уште еден терен. Нормално целиот тој процес ќе се одвива и на терените што ги гради ФФМ и се надеваме дека во брзо време ќе имаме достојна база и капацитети како што доликува на големите европски фудбалски центи.

K4T.MK – Во изминатите три години на постоење кои се позначајните успеси на школата, и дали сте задоволни од тоа што досега сте го постигнале во однос на резултати?

Југослав – Првичниот ефект е постигнат, децата масовно се враќаат на терените во струмичкиот регион. Зголемена е масовноста, а во однос на резултатите, тие се на солидно ниво. Морам да напоменам дека во натпреварувачката 2011-12 година игравме на финалето на Купот на Македонија  во пионерска конкуренција и истото се повтори и во 2012-13 година. Моментално со три категории учествуваме во супер лигата на Македонија под покровителство на ФФМ.

А освен тоа со пет екипи земавме учество во Детската лига каде во завршните натпревари, вклучувајќи ги тука и екипите на академија Постолов Пандев од Штип и Академијата од Охрид со кој што имаме соработка, наши четири екипи влегоа во полуфиналните натпревари. Во однос на домашните резултати мислиме дека се задоволителни за овие три години работа.

На меѓународен план веќе имаме учествувано, на повеќе турнири и имаме повеќе признанија. Во 2012 година го освоивме ,,Атреус Премиер Куп” во Грција, Балкан олимпик куп го освоивме во 2 генерации, имаме учество на турнир во Италија под покровителство на Интер каде бевме гости. Тамо се одиграа пријателски натпревари со Аталанта, Интер, Монца и со Милан.

Генерација `98 одигра натпревар со Црвена Ѕвезда на стадионот Маракана благодарејќи на  добрите релации помеѓу Горан Пандев и Дејан Станковиќ. Учествуваме скоро секаде каде што сме поканети. Лани го освоивме Брашов куп со генерација `97 во Романија и оваа година од 10 август повторно ќе бидеме присутни на овој турнир во три категории. Се трудиме да бидеме што поактивни и да обезбедиме што поквалитени натпревари за нашите генерации.

K4T.MK– Колки тренери моментално работат во школата и дали во иднина ќе ангажирате дополнителни стручни кадри за да го задржите добриот квалитет на работа?

Југослав – Поради големиот број на деца и квалитетот кој што сакаме да го постигнеме имаме потреба од тренери кој се едуцирани на повисоко ниво. Во моментов во академијата работат 8 тренери + 1 тренер на голмани. Во план ни е да се ангажира тренер за физичка подготовка.

Исто така во план ни е да испратиме на специјализација некој од нашите тренери. Досега еден од нив беше во Фиорентина на следење на тренажен процес на младинските категории и ова лето планираме да испратиме исто така тренер во Наполи и Јувентус. Сето ова е обезбедено од академијата како дополнително усовршување на постоечкиот кадар.

K4T.MK – Дали можете да издвоите некоја од вашите генерации која ви влева надеж за поголем успех и резултати?

Југослав – Моментално ударна генерација ни се децата родени `97 година и не смеам, а да не  ја спомнам и генерација `98 со тоа што оваа генераци сакаме да ја надополниме со дополнителни свежи сили на неколку позици. Исто така, генерациите 2003-2001 ги сметаме за многу талентирани и нормално е дека пред нив има долг период на докажување, и се надеваме дека ќе ги докажат своите квалитети во иднина.

K4T.MK- Што претстои во блиска иднина и што е следо на листата на предизвик пред Академијата?

Југослав – Овој петок ќе земеме учество на турнир во Сандански и ќе одиграме натпревари со ЦСКА Софија, Славија Софија, и Пирин Благоевград, а од 10 август како што веќе споменав стартува Брашов куп каде ќе учествуваме со 3 генерации. Имаме покани и за други турнири и со раководството ќе одлучиме каде да земеме учество.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија