Збор, два за Детските фудбалски лиги

По успешната завршница на Детската фудбалска лига, проследена со многу искрени емоции од страна на дечињата кои играа со цело срце и сили, добивме и доста корисни информации околку целокупната организација на турнирот и идните планови на ФФМ околку иднината на фудбалот во Република Македонија. 

Наши соговорници беа Генералниот секретар на ФФМ, Димитар Зисовски и главниот координатор Бојан Марковски.

“Идејата е на ова ниво на натпревари да додадеме системски пристап и организација, како од селекција така и од здрав однос кон животот и спортот. Да се воведе редовна процедура на здравствени прегледи, да се има контрола врз децата и ред други аспекти кои досега ги немало во младинскиот и аматерскиот фудбал. Со помош на софтверско решение, ќе се креира база на податоци од дечиња класифицирани по генерации и детални поединечни информации преку кои ќе се регулираат сите евентуални злоупотреби и манипулации.” – изјави генералниот секретар на ФФМ Димитар Зосевски.

К4Т.МК – На крајот од сезоната на Детската лига, како сте задоволни од сработеното и кој беа вашите првични очекувања?

БОЈАН – Можам слободно да кажам дека постои огромно задоволство како од Фудбалската федерација на Македонија, како носител на проектот, така и од сите останати кои на било каков начин беа инволвирани во Детските лиги. Тука мислам на координаторите, на екипите, на обичните гледачи итн.

Од оваа гледна точка, земајќи ги во предвид сите оние клубови кои земаа учество, сите натпревари кои беа одиграни и секако интересот кој го побудија овие лиги, би заклучил дека беше сработена одлична работа и тука би ја потенцирал одличната работа која ја завршија регионалните координатори на Детските лиги.

Споредено со првичните очекувања, кога наша цел беше да воспоставиме организиран систем за натпреварување кај засегнатите генерации и да им овозможиме на што е можно повеќе деца да играат фудбал, заклучокот е дека завршивме добра работа. Секако, секогаш има простор за напредок и секогаш целиме кон уште подобро.

К4Т.МК – Кој возрасни групи се опфатени и кои клубови имаат право да земат учество во оваа лига?

БОЈАН – Беа опфатени фудбалери родени од 2000-та до 2005-та година, а зависно од регионот и актуелната состојба на нивни терен, беа организирани натпреварувања во неколку категории. Единствено во Детската лига – Скопје сите наведени генерации се натпреваруваа во посебна категорија додека во повеќето од останатите региони беа организирани натпреварувања во 3 категории каде како носители би ги навел генерациите 2000-та, 2002-ра и 2004-та година.

Во однос на правото на учество би нагласил дека сите кои имаат желба можат да се натпреваруваат, без разлика дали се работи за клубови регистрирани во ОФС или за фудбалски школи кои работат единствено со млади категории.

К4Т.МК – Како дојде до идејата да се формира нешто вакво во Македонија и кажете ни нешто повеќе околу системот на натпревари?

БОЈАН – Би рекол дека идејата дојде од евидентната потреба да се воспостави организиран систем на натпреварување земајќи го во предвид фактот дека истиот се до 2013-та не постоеше, со исклучок на Скопскиот регион, и сите екипи се натпреваруваа единствено самоиницијативно играјќи пријателски натпревари или низ учество на разни турнири.

Секако, значаен беше и интересот изразен од страна на клубовите и нивната поддршка без која секако не би можеле да го имплементираме сево ова. Би додал дека во изминатиот период (од март до јуни) се работеше на пилот проект кој ќе ни послужи да ги идентификуваме сите евентуални недостатоци.

Системот се сведуваше на турнирско натпреварување каде сите екипи играат на еден или два терени во секое коло, што е и можност повеќе за сите заинтересирани да проследат што е можно повеќе натпревари на исто место. Во зависност од бројот на екипите, во секој од регионите беа одиграни помеѓу 8 и 10 кола.

К4Т.МК – Каков друг систем на натпревари постоеше/постои за овие возасни групи под Фудбалската Федерација на Македонија?

БОЈАН – Како што кажав и претходно, за жал не постоеше друг систем на натпревари за овие возрасни групи организиран од страна на ФФМ што сигурно беше и мотив повеќе да стартуваме со Детските лиги.

Во моментов, тукушто завршивме со првата сезона и сеуште ги генерираме импресиите, но можам слободно да кажам дека веќе од септември продолжуваме со Детските лиги со вклучување на уште повеќе региони и уште повеќе екипи што ќе значи зајакнат систем на натпревари со можност за учество на уште повеќе дечиња. Ова го велам затоа што за идната сезона предвидено е проширување на лигите и со генерации на фудбалери родени до 2006-та година и вклучување на уште 2 региони.

К4Т.МК – Колку клубови моментално земаа учество во првата сезона?

БОЈАН – Во првата сезона, учество земаа повеќе од 50 клубови на територијата на цела Македонија но би напоменал дека секоја од екипите имаше право да учествува со неограничен број на екипи со што доаѓаме до бројката 150 екипи во сите возрасни групи и речиси 2500 млади фудбалери кои секој викенд се натпреваруваат во организиран систем за натпреварување. За следната сезона очекувањата се уште поголеми и се надеваме на учество на околу 75 клубови и повеќе од 3500 фудбалери.

К4Т.МК – Како сте задоволни од одзивот и соработката на клубовите, и секако каква е нивната реакција во однос на оваа лига?

БОЈАН – Задоволни сме од одзивот, меѓутоа целта секогаш е инволвирање на уште повеќе клубови. Останува на нас да ги мотивираме за да земат учество, но сепак се работи за нешто што бара обострана па и повеќестрана посветеност и целосна соработка. Имаме добра соработка и се надеваме дека истата ќе биде и уште подобра во иднина. Нивните реакции, кои се повеќе од позитивни, ни потврдуваат дека сме го направиле вистинскиот потег и ни даваат за право да се надеваме на ова.

К4Т.МК – Дали во иднина ќе има и меѓународни лиги (со други земји) од ваков тип кои со сигурност би го зголемиле интересот за ваквите случувања?

БОЈАН – Се работи за еден проект што го започнавме и во моментов сме сконцентрирани на воспоставување на добро прифатен и ефикасен систем пред сè на територијата на Македонија. Штом бидеме сигурни дека сме ја постигнале целта, тоа во голема мера ќе ни овозможи да размислуваме и за организирање на ваков тип на случувања со меѓународен карактер. Тука би ја потенцирал и одличната комуникација и соработка која постои со одговорните за ваков тип на натпреварувања и во останатите федерации каде би ги издвоил соседните земји.

К4Т.МК – Покрај регионалните координатори, каква дополнителна логистика имате во целиот овој проект (спонзори, институции и слично)?

БОЈАН – Во моментов регионите од Детските лиги се координираат од 7 лица, со интенција оваа бројка да се зголеми за наредниот период. Согласно со потребите и неопходноста од нив, ја имаме во предвид намерата за вклучување на уште два региони.

Би ја нагласил одличната работа на оние кои веќе работат на терен и трудот кои тие несебично го вложуваат, а е огромен фактор за успешната организација на лигите. Како проект, детските лиги се покриени од ФФМ и за жал не би можел да издвојам некој сериозен спонзор, единствено поддршката која во одредени сегменти ја добиваме од одредени општини и локални самоуправи.

Еве и еден отворен апел и повик до сите кои се заинтересирани да партиципираат во овој проект, да нè исконтактираат затоа што се работи за нашата иднина и секако за нешто кое е одговорност на сите нас.

К4Т.МК – Што ви е планот за во иднина и кои се наредните чекори кои ќе ги превземете за да ја омасовите и потенцирате Детската фудбалска лига?

БОЈАН – Како што напоменав и претходно, од идната сезона лигата се проширува за уште два нови региони и со плус уште една натпреварувачка категорија што го подразбираме како приоритет во овој момент.

Важноста на овие лиги како и во досегашниот период ќе продолжиме да ја потенцираме и во иднина пред сè, преку нивна промоција и комуникација низ нашите официјални канали како и на што е можно повеќе медиуми кои ги подразбираме како еден од круцијалните фактори кои можат да допринесат за уште поголема масовност на Детските лиги и за нивна целосна медиумска покриеност.

Тука посебно би ги нагласил и социјалните медиуми. Затоа ги повикувам сите медиуми на што е можно поголема покриеност и интерес за она што е наше и за она што значи наша иднина, моменти кои комплетно се изразени во Детските лиги.

За крај, би ја користил оваа можност за да се заблагодарам на поддршката која ја имаме од вашиот медиум и да ви честитам за одличната работа која ја правите не само за фудбалот, туку и за промоцијата на спортот и спортскиот начин на живот во целост.

Галеријата тука!

Видеото тука!

* ПОБЕДА ИЗДВОИЈА: *
Генерација 2000:
1. ФК Работнички – Скопје 
2. Академија Пандев – Охрид
3. Форца – Скопје
4. ЛГ Битола – Битола
-> најдобар стрелец: Јакуп Бериша
-> најдобар голман: Матеј Миленков

Генерација 2001:
1. ФК Работнички – Скопје
2. Еврофудбал – Охрид
3. ФК Сарај – Скопје
4. Академија Постолов-Пандев – Штип
-> најдобар стрелец: Марио Рунтев (11 поени)

Генерација 2002:
1. ФК Работнички – Скопје
2. Академија Пандев – Струмица
3. Селекција – Југозападен регион
4. ЛГ Битола – Битола
-> најдобар стрелец: Блаже Бондевски (6 поени)
-> најдобар голман: Истрефи Бледер

Генерација 2003:
1. ЛГ Битола
2. Брегалница – Штип
3. Фер Плеј – Охрид
4. Академија Пандев – Струмица
-> најдобар стрелец: Никола Димитроски (5 поени)
-> најдобар голман: Пресевски Филип 

Генерација 2004:
1. Работнички – Скопје
2. Селекција – Преспанско-пелагониски регион
3. Академија Постолов-Пандев – Штип
4. Селекција – Југозападен регион
-> најдобар стрелец: Стојановски Георг (7 поени)
-> најдобар голман: Стефан Тасев

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија