Лавините се сила, ама знаењето е моќ – посетете го курсот за лавинска безбедност

Во вистински момент ни доаѓа зимата и снеготоваа година. Овој викенд на 16 и 17 јануари 2016, пред да започнете со уживање и вкусување во снежните убавини, информирајте се нешто повеќе за лавините и вашата безбедност при движење во планината на курсот за лавинска безбедност на Попова Шапка. 

Курсот ќе биде во организација на М.А.S.C (Macedonian Avalanche Safety Camp) и во него ќе бидат опфатени сите основни знаења кои треба да ги има и да ги искористи секој човек, планинар, скијач и авантурист пред да се впушти во некаква активност во зимски услови и снег. Предавањата ќе ги држат Константин Циривири, Методи Чилиманов, Гоце Таневски и  Д-р. Манолев. 

Следејќи ги бројните случаи на настрадани од лавина во светски рамки, мораме да сфатиме дека овие природни феномени се случуваат и во рамки на нашите планини и можат да влијаат на сите нас кои сакаме да уживаме во планината во зима. Од овие причини, а и поради се поголемата популарност на планинарењето, скијањето и бордањето во нашата држава, дефинитивно ние како веб-портал препорачуваме нешто вакво. 

Во првиот ден, на 16ти јануари предвидено е да се обрне внимание на практична работа како правење профил и анализа на снежната покривка, избор на линија за движење, работа со лавински уреди и воздушна перница, сондирање, техники на ископување на настрадан од лавина за во вториот дел од денот да се постават теоретските предавања за овие работи. 

Наредниот ден, 17 јануари, ќе биде оставен за практично вежбање и проверка на знаењата. 

Дводневниот курс ќе се одржи во планинарскиот дом „Смрека” на Попова Шапка, а во околината ќе се одржат теренските предавања и практичниот дел од работите.

Повеќе информации и контакт за пријавување можете да пронајдете ТУКА, а како загревање во вашата информираност може да си погледнете едно видеосо основните елементи кои треба да се знаат за оваа проблематика.  

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија