Стисни плеј на Reel Rock 10 во Скопје

REEL ROCK светската филмска турнеја која ги прикажува едни од најдобрите филмови за качување по вторпат доаѓа во Скопје. Повелете информација повеќе за фестивалот кој ќе се одржи оваа недела во киното Фросина. 

Ова е втора година на претставување на традиционалната REEL ROCК филмска турнеја, со светски најдобрите и најгледани алпинистички филмови во Скопје. Минатата година за прв пат македонската публика имаше можност да го проследи деветтото продолжение на REEL ROCК, кое го донесе долго очекуваниот и наградуван документарен филм ‘Valley Uprising’ на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен. Јубилејното десетто издание на највозбудливата качувачка филмска турнеја и премиерата на овогодишното скопско REEL ROCК издание ќе се случи на 21 октомври во киното Фросина, овој пат со уште побогата локална програма и уште пет документарни филмови за најголемите случувања и достигнувања во глобалниот качувачки свет, што го прави REEL ROCK 10 вистинско место за посветените качувачи,и љубителите на карпите и високите снежни планини.

Основани во 2006 година од страна на Џош Ловел (Big UP Productions) и Питер Мортимер (Sender Films), REEL ROCК проекциите ги прикажуваат најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот и се духовни настани каде алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм. Дел од забавата на REEL ROCК настаните секогаш се и различните презентации, доделување на награди, присуството на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувања… чиј дел ќе го има и на овој настан, а локалната програма се состои од филмови и презентации за најголемите достигнувања на локалната качувачка сцена.

Десеттата по ред REEL ROCK филмска турнеја, започна на 17-ти септември во Болдер, Колорадо и ќе трае се до крајот на 2015 година, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Оваа година со јубилејното REEL ROCK 10, Скопје заедно со уште 450 градови низ светот, со поддршка од Амбасадата на САД, повторно ќе ја има несекојдневната можност да ја гледа премиерата на најновото издание на REEL ROCK и ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања, од најзначајните и најискусните качувачи како што се Дин Потер, Томи Колдвел, Алекс Хонолд, Џими Веб, Даниел Вудс и Кевин Јоргесон!

Минатогодишниот филм “Valley Uprising” во кој се претставија качувачките легенди на Јосемити Дин Потер, Алекс Хонолд, Лин Хил, Џим Бридвел, Ројал Робинс, Ворен Хардинг, Џон Бакар, Чонго Чак и многу други, беше еден од најголемите филмови произведени досега за овој култен американски качувачки локалитет, прикажувајќи ја неговата историја и качувачите на забавен и возбудлив начин, а коментарите и реакциите на публиката, воедно и дополнителните награди кои филмот ги доби, се едноставен доказ за тоа. Тој се здоби со главна награда на фестивалите Banff Mountain Film Festival, Kendal Mountain Film Festival, Ladek Mountain Film Festival, Torelló Mountain Film Festival, Danish Adventure Film Festival, Krakow Mountain Festival, Mendi Film Festival, да наброиме само неколку. Токму со овој влијателен филм и Скопје го започна своето патешествие во рамките на REEL ROCK турнејата, со што и нашиот град стана едно од качувачките жариштата, на исто ниво како и повеќе од 500 градови низ светот каде се случува оваа најзначајна качувачка прослава.

Настанот е во организација на Solis и SkiMacedonia со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Повеќе информации за програмата на настанот можете да пронајдете ТУКА

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија