Наслов

Reel Rock турата за првпат во Македонија

Оваа есен македонските љубители на аутдор спортовите за прв пат имаа можност да присуствуваат на Reel Rock филмскиот фестивал кој се одржува еднаш годишно на повеќе локации во светот. 

Reel Rock претставува мини-филмска тура на која што се прикажуваат нови компилации, документарни филмови и презентации од сферата на аутдор спортовите со акцент ставен на спортското качување и алпинизмот. Секоја година филмовите кои се во продукција на Сендер Филмс и Биг Ап заедно со некоја друга локална програма се прикажуваат на повеќе од 200 локации на земјата.

Оваа година во организација на SkiMacedonia и потпомогнато од Американската Амбасада во Македонија и Аутдор Колектив од Србија турата беше донесена и во Скопје, а македонските љубители на спортовите на отворено не потфрлија со нивната заинтересираност во голем број. 

Целиот настан беше поделен во неколку сегменти. Најпрвин мал говор одржа еден од креаторите на српската невладина организација Outdoor Collective која претставува збир на ентузијасти и љубители на вакви спортови кои се главните виновници за носењето на Reel Rock турата на три локации во Србија. Потоа следеше проекција на неколку кратки филмчиња меѓу кои и најдоброто качувачко видео во Србија за претходната година „Escape“ („Бегство“), "Commit to The Pact" на Access Fund и „Не оставај трага“ - презентација за етика во качувањето.

Во вториот дел презентација имаше Александар Кирковски од П.К. Македон за неговото искачување на Матерхорн каде што публиката можеше на супер интересен начин детално да се запознае со самата планина, историјата на нејзиното искачување како и целата алпинистичка авантура, а потоа следеше главниот дел - филмот "Valley Uprising"на Питер Мортимер и Ник Росен кој оваа година за првпат беше во долгометражен формат. 

Ремек делото кое што дефинитивно го воодушеви секој посетител на проекцијата ја разработуваше тематиката на качување во Америка од неговиот старт во 1955 со тогашните пионери, 14 годишната „битка“ на двете качувачки легенди Ројал Робинс и Ворен Хардинг односно нивните два дијаметрално различни пристапи према качувањето и формирањето на Кампот 4. 

Во продолжение филмот дава детали за „хипи“ качувачката револуција во периодот од 1970 до 1980-тите години и низа интересни факти како за качувањето така и за самиот начин на живот кои се водел во долината Јосемити.

Следува поновата ера на качувачи и спортисти кои ги буткаат границите на качувањето и промената на самото лице на националниот парк со текот на времето т.е. неговото популаризирање и комерцијализирање кое ден денес доведува до одредена препрека за овие луѓе да го прават тоа што сакаат да го прават - да качуваат.

27 Ноември 2014

За авторот