Кокосовото масло е енергија во тегла

Освен што е вкусно и со секоја лажичка ве транспортира до некоја тропска плажа, кокосовото масло убедливо поседува и здравствени придобивки. Ладно цеденото кокосово масло има таква хемиска структура што телото попрво го искористува за добивање енергија отколку за складирање на истата за „црни денови”.

Во последно време демонизацијата на дел од мастите се покажува како неоснована, а најновите истражувања во областа на нутрицијата, диететиката и биохемијата говорат за тоа дека здравите масти се и повеќе од потребни за правилно подмачкување на телесната машина. Така авокадото, јатките, ладно цедените масла топло се препорачуваат за секојдневна употреба без грижа на совест. Еве зошто кокосовото масло спаѓа токму во оваа група на намирници.

Кокосовото масло се состои од масни киселини кои имаат синџир со средна должина. Дополнително постојат масни киселини со краток и со долг синџир, во зависност од типот на масло. Масните киселини со долг ланец се разложуваат побавно и се складираат во вид на масни клетки, но оние со среден ланец, како во кокосовото масло, придонесуваат истото поинаку да се метаболизира и директно навлегуваат во порталниот крвоток, а потоа во црниот дроб каде се добива енергија. 

На тој начин кокосовото масло во човековиот организам повеќе се однесува како јаглехидрат, отколку како маснотија, со тоа што многу побрзо дава енергија за поткренување на метаболизамот, отколку останатите масти. Направени се повеќе испитувања како на експериментални животни, така и на луѓе, професионални спортисти и аматери и во секое од нив крајниот исход е дека кокосовото масло е одличен извор на енергија, забрзувач на метаболизам и регенерација.

Готвењето со кокосово масло е одлична замена на другите хидрогенизирани масла, а бидејќи има повисока точка на чадење (230°С), ги надминува и ладно цеденото маслиново (190°С) масло и маслото од лен (225°С). Од тој аспект подобро е да пржите или да печете на високи температури со кокосово масло, но одлично е за употреба и во ладни десерти како овој „чизкејк“.


Ако повеќе ве интересира – 5 зошто и 5 затоа за кокосовото масло


 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија