Рекордот на Смилков и Чекоров официјално во Гинис

Дисциплината „најголема далечина помината со туркање кола од двајца за време од 24 часа“, во Гинисовата книга на рекорди, од вчера официјално е потпишана од две македонски имиња.

Александар Чекоров и Александар Смилков, го срушија рекордот на 13-14 декември, кога за време од 24 часа, поминаа 95,7 километри со буткање на Даеву Матиз, во спортскиот центар Форца и го срушија претходниот рекорд од 82,4 километри кој беше поставен во 2008 од страна на двајца Американци.

Од вчера 15 април, нивниот резултат официјално стои и на веб страницата на Гинис. Чекоров е речиси 20 години во маратонското и ултрамаратонското трчање, Смилков е фитнес тренер и активен маратонец.

„За мене овој подвиг значеше голем предизвик, физички и ментален, остварување на дамнешен сон, себенадминување и себеисполнување. Лично доживеав голема радост што настанот, обидот и рекордот им донесе радост на многу колеги, пријатели, роднини кои беа присутни и ни даваа подршка и честитки, било директно (во самата сала Форца) или индиректно (преку социјални мреже, СМС пораки итн).” – изјави Александар Чекоров во интервјуто за К4Т.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија