Александровци со Гинис во рака и „капнати“ нозе – интервју со Александар Чекоров

Кај нас во милата ни татковина гинисови рекорди се рушат најчесто во казани грав (не дека ова не е вкусно и интересно), или должина на пастрмајлија каде што се носат клупи од локалното училиште за да се потпре сета должина на тестото. Но ретко ќе сретнете некој да се нафати да крши гинисов со одење, буткање, трчање и на нив слични дисциплини. 

На 14 декември оваа година двајца наши сограѓаани и вљубеници во трчањето се решија да го урнат постоечкиот рекорд во буткање на автомобил за 24 часа. Александар Смилков и Александар Чекоров беа момците кои „бескрајно“ вртеа кругчиња во салата на Спортскиот центар – Форца и со бодрењето на сите пријатели успеаа да го срушат стариот и да постават нов, 95км и 120 метри со нивниот „матиз“.

Во продолжение имаме неколку прашања во врска со идејата и изведбата со Александар Чекоров, инаку долгогодишен маратонец кој има интересно спортско био позади неговото име. Тој е првиот Македонец кој има истрачано 100 км., тој е актуелен рекордер на Македонија на 6 дневна и 10 дневна ултрамаратонска трка (558км и 890 км- 2003 год), а исто така тој е и поранешен рекордер на Македонија на 12 и 24 часовни трки (104км и 162км). Дополнително човекот има и други потфати како 12 часа скокање на јаже – 40,000 прескокнувања и 1 час скокање на јаже со една нога – 6,009 прескокнувања.

Раѓање на идејата

За првпат идејата ми се роди пред 15-на години кога прелистував едно издание на Гинисовата книга на светски рекоди. На една страна забележав интересна фотографија како двајца туркаат кола. Го прочитав описот на рекордот и се инспирирав да се обидам да го срушам. Тогаш рекордот беше 50км. За жал во тој период не најдов партнер кој ќе ми се придружеше во подвигот па така идејата остана само сон до пред една година.

Минатата година го запознав мојот пријател Александар Смилков, кој е маратонец долги години и исто така активно се занимава со фитнест. Во една прилика му ја предложив идејата и тој со радост ја прифати. Веќе пролета 2014 година побаравме од Гинис да ни ги прати пропозициите летото почнавме со тренинзи.

Процедурите за да се обезбедат сите потребни нешта (административни) кои се дел од ваквите настани, кој помогна

Треба да се регистрираш на веб страницата на Гинис и потоа го одбираш рекордот што сакаш да го срушиш. Гинис праќа пропозиции и ги следиш.

Сериозните тренинзи започнаа веќе од септември кога скоро секој викенд туркавме кола на паркингот кај Аква Парк (СЦ Борис Трајковски). Почнавме со тренинзи од 1 час па стигнавме до 10 часовно туркање за кое време успеавме да направиме 53 км.

Кога започнаа тренинзите и имаше ли некакви правила околу типот на возилото

Правило е возилото да не биде полесно од 840 кг.

Кои беа дечките што го држеа веќе соборениот рекорд.

Рекордот го држеа двајца Американци, Мет О`Брајан и Дастин Велс кој имаа буткано „Форд Виндстар“ 82,4 километри во Калифорнија, 2008 година.

Како одеше целиот обид за рушење на рекордот и кажи ни нешто повеќе за импресиите после тоа

После успешните подготовки, го закажавме терминот кога би го срушиле рекордот, 13-14 декември. Обидот течеше одлично, имавме јако темпо и така за помалку од 17 часа го срушивме постоечкиот рекорд од 82,4 км. Со 2 паузи продолживме да туркаме и на крај стигнавме до 95.1 км.

За мене овој подвиг значеше голем предизвик, физички и ментален, остварување на дамнешен сон, себенадминување и себеисполнување. Лично доживеав голема радост што настанот, обидот и рекордот им донесе радост на многу колеги, пријатели, роднини кои беа присутни и ни даваа подршка и честитки, било директно (во самата сала Форца) или индиректно (преку социјални мреже, СМС пораки итн).

Исто така на мое лично задоволство се израдував кога дознав дека добивме голема подршка од нашите две компании Македонски телеком и Т-Мобиле во организацијата на настанот кои веднаш ја препознаа убавата идеја и несебично ја подржаа.

фото Марко Спироски

СЛЕДИ И ВИДЕОТО ОД НАСТАНОТ

Nov Ginisov rekord vo turkanje avtomobil from Aleksandar Aleksovski on Vimeo.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија