Не заборавајте да џвакате

Како што станува сè помодерно храната да се испие наместо да се изеде, забораваме на еден фундаментален момент од целиот физиолошки процес на прехранување, а тоа е џвакањето…

Немаме ништо против шејковите, смуди, цедалките и блендерите. Многу факти говорат дека истите се лесен и едноставен начин да се внесат многу здрави состојки во организмот кои ќе бидат лесно сварливи, а од друга страна полесно е да се подметне зеленчукот на пребилривите пиколиновци. Но бидејќи овие „оборци“ заземаат се поголем и поголем замав би било добро да се навратиме на првиот дел од процесот на прехрана – џвакањето, како и придобивките од истото.

Џвакањето може да помогне во намалување на калорискиот внес. Многу студии покажуваат дека кога храната бавно се џвака, се внесуваат помалку калории, но настанува и побрзо заситување. Од друга страна течната храна претставува поголем ризик за внесување на дополнителни калории. На пример една чаша сок од моркови има околу 140 калории и содржи речиси 4 големи моркови. Да соџвакате иста количина на моркови е прилично тешка задача, а дури и кога би успеале, ќе потрошите енергија да ги консумирате морковите, а и ќе бидете заситени подолго време.

Преку цедалките си прецедувате богатство од диетални влакна. Диеталните влакна се многу важен нутритивен елемент бидејќи помагаат во одржување на стабилни нивоа на шеќер во крвта, ја регулираат работата на дигестивниот систем и го прочистуваат и го намалуваат холсетеролот. Затоа е важно да ги консумирате и да не ги избегнувате преку цедените сокови. Сепак важно е да се нагласи дека во блендираните сокови диеталните влакна се задржуваат.

Џвакањето предизвикува чувство на ситост. Според една студија кога се џвака, всушност уште во устата се стимулираат рецептори кои предизвикуваат лачење на хормони кои на центалниот нервен систем му испраќаат сигнали за ситост.

Постепеното внеување на храна, обезбедува стабилно ниво на шеќер. Џвакањето овозможува споро внесување на храната, наместо наеднаш и настанува постепена активација на ензимите. Шеќерите постепено се апсорбираат што е од големо значење за превенција на метаболни заболувања како дијабетесот.

Џвакањето е чувар на оралното здравје. Кашестата храна многу полесно се лепи на забните ткива и овозможува создавање на наслаги како што се забниот плак и забниот камен, кои доколку не се отстрануваат соодветно се подолога за развој на бактерии и оштетување на потпорните ткива на забот – пародонтопатија. Од друга страна цврстата храна преку својот абразивен ефект овозможува чистење на забните површини. За споредба, обратете внимание на чистотата на забите после млечен шејк и после едно зелено јаболко.

Прочитај нешто повеќе на темава и во – Тренирај џвакање

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија