Стрес скршеница (марш фрактура)

Стрес фрактурите се типични спортски повреди, резултат на замор или претренираност без доволно одмор помеѓу вежбања и натпревари.

Заморените мускули од повторувачки стресови не се во состојба да го апсорбираат додатниот шок така да преоптеретувањето се пренесува на скелетот или коската и предизвикува мала пукнатина – стрес скршеница.

Статистиката покажува дека овие повреди се најчести во тенисот, атлетиката, тркачките маратони, гимнастиката и кошарката и во 50% се повреди на стопалото со скочниот зглоб.

Освен преоптеретеноста како предизвикувачки фактори често се обвинуваат и несоодветнатa опрема т.е. изабени и стари спортски обувки или цврсти и нефлексибилни патики, но и несоодветната и тешката подлога (асфалт, кал, мраз, снег). Дополнителен ризик фактор најчесто се остеопорозата, аменореата, атлетскиот женски тријас и др.

Болката која се зголемува со напор, а се намалува со одмор е првичен симптом. Секој болен синдром кои ќе се повтори после неколкудневен одмор е доволна причина да не се ризикува и да се побара консултација со ортопед или трауматолог. Отокот, можен крвав подлив и болка на допир се дополнителни знаци кои влегуваат во комбинација.

Исцрпната докторска анамнеза е клучен момент во раната дијагностика. Конвенционалната рентгендијагностика најчесто е од мала помош па најчесто се препорачуваат компјутерска томографија, магнетна резонанца или коскен скен.

Добра имобилизација во траење од 6-8 недели е основа за добра санација и рехабилитација.

Основните превентивни мерки се правопропорционални со добро организиран тренажен процес. Постепен вовед, постепено зголемување на интензитетот и тајмингот на спортските активности со препораки за неизменични алтернативни активности кои водат до иста цел се основна превентивна задача на професионален тренерски кадар. Редовните промени на старите и изабени обувки со уште подобри е потреба, а добро избалансираната исхрана со доволно калциум и витамин Д е култура на спортско живеење.