Женски спортски тријас

Зголемената енергетска потрошувачка со рестриктивни навики во исхраната, намерно или ненамерно, кај жените спортисти или рекреативци може да доведе до сериозни нарушувања кои се надоврзуваат каскадно и затоа се назначуваат како тријас, односно доведуваат до пореметено земање на храна и отсуство на менструација – Аменореја и Остеопороза.

Најчесто компромитирани спортови со овој тријас се спортови каде издржливоста е главна одлика (маратони, атлетика, велосипедизам, скијачко трчање), естетски спортови (пливање, гимнастика, балет) и спортови со тежинска категоризација (веслање, боречки вештини).

Пореметувањето во исхраната најчесто е поради фаворизирање на мала телесна тежина за спортски и естетски цели. Високо поставените цели за спортски успех и победа,  амбициозниот карактер и притисокот од околината, блиските, тренерите и медиумот се основа на пореметеното земање на храна.

Пореметениот нагон, прескокнувањето на оброци, неконтролирана редукција на калорична храна и страв од дебелеење се почетна карактеристика. Многу често, оваа состојба се јавува како одговор на психо-трауматска состојба, проблем со идентитет, комплекс на ниска вредност или конфликтна состојба.

Сепак, најдобар и најздрав начин да се стигне до саканата телесна тежина се спортските и рекреативни активности. Истиот може да биде и нездрав ако не се почитуваат основните принципи за оптимална исхрана.

Рестрикција во исхраната со многу вежбање е авантуристички модел за да се стаса брзопотезно до саканата телесна тежина и фигура. Многу често, диетите или постот во тек на тренажните процеси или пред-натпреварувачки периоди се предизвикувачи на овој синдром.

Аменореја е отсуство на менструалниот циклус повеќе од 6 месеци и е резултат на недостаток на естрогениот хормон. За нормалниот метаболизам на естрогенот, природно се потребни минимум 12% поткожно масно ткиво. Најчеста причина за аменорејата е губиток на телесна тежина и поткожното масно ткиво, пред сè поради пореметеното земање на храна и интензивните спортски активности.

Ниските концентрации на естрогениот хормон во комбинација со низок внес на калциум и витамин Д се основа и за остеопороза. Губењето на коскената маса или коскена густина се услов за скелетни трауми кај млади спортисти и рекреативци.

Секоја состојба на остеопороза е сериозна причина за скршеници или фрактури на типични места (пршленски тела, вратот на бутната коска и дисталната подлактица) и стрес-фрактури (заморни фрактури).

Спортските превентивни прегледи со одредување на серумска концентрација на естрогенот и мерењето на поткожното масно ткиво е клучна превентивна мерка за рано откривање на овие состојби. Добро организиран и професионален тим (професионални тренери-кондиционери нутриционисти, доктори и психолози) е основа на телесниот баланс и спортските успеси.

Основни принципи во лекувањето на овој тријас е зголемување на калорискиот влез и намалување на интензитетот на тренинзите со додаток на 1500мг калциум и 400-800и.е. на витамин Д во дневната доза. Во крајни граници се употребуваат и естрогени хормони, под докторска контрола.

Лошите навики во исхраната со премногу интензивни вежбања, односно лош баланс на потрошеното со внесеното, се основна причина за нарушување на репродуктивното и скелетното здравје кај жената спортист-рекреативец.