Фактори што влијаат на физичката издржливост

Заморот е главната причина која лимитира за да постигнете повеќе во одредена спортска активност, додека тренирате или се натпреварувате. Тој и не е така едноставен да се објасни имајќи ја во предвид неговата комплексност која зависи од многу физички и психички фактори.

Науката за да го поедностави и објасни целиот тој скриен процес издвојува неколку главни причини односно фактори кој влијаат на издржливоста и нашите перформанси. Воедно истражувањата покажуваат дека овие фактори лесно можат да се менуваат (некој помалку, некој повеќе) се разбира со соодветен тренинг и програмирана исхрана и хидрација.

Еве неколку од фактори кој се значајни за перформансите и издржливоста особено кај спортистите:

VO2 Max

Невозможно е да се говори за издржливост, перформанси и тренинг а да не се спомне VO2 Max или максималната кислородна потрошувачка. За спортистите кој се натпреваруваат во спортови особено каде предоминира издржливоста овој индекс е важен и кај нив тој е повисок отколку кај нетренирани индивидуи кои со тренажен процес можат да го подобрат овој индекс и до 20%.

Целта на секој тренинг за издржливост е да ја подобри максималната горна граница на аеробната моќ. Со тоа ќе имате поголема работоспособност на телото за време на интензивни и долготрајни натоварувања. Овој индекс и неговата вредност која е менлива во зависност од кондициското ниво е еден од факторите кој влијаат на општата издржливост.

Лактатен праг

Има многу термини кои ја опишуваат врската помеѓу кумулацијата на лактатите во крвта и зголемениот интензитет на вежбањето. Ако индексот VO2 max се смета за некаква горна граница на аеробниот интензитет тогаш лактатниот праг е всушност показател колку од тој горен лимит може да се искористи.

Лактатниот праг е ниво каде лактатите се продуцираат во мускулите за време на гликолизата и не може да се метаболизираат (искористат) со истата брзина во однос на брзината со која се продуцираат. Кога се надминува овој праг се нарушува ацидо базниот баланс и индиректно се случуваат каскадни реакции кој во продолжен период достигaат висока концентрација и делуваат со појавата на замор.

Ефикасност при натоварувањето (економичност)

Два различни спортисти може да имаат еднаков VO2 max и може и да имаат ист лактатен праг но сепак најрелевантен е податокот за брзината или отпорот при кој овие два маркери се јавуваат. Спортисти со висока ефикасност при натоварувањетo трошат помалку енергија (конзумираат помалку кислород) на даден отпор или вежба.

Искористување на супстратите

Оксидативниот енергетски систем може да ги искористи и мастите и јагленохидратите како гориво за добивање на енергија. Додека важбате и интензитетот се подигне над (>70% VO2 max) тогаш телото со поголем процент ќе ги користи јагленохидратите наместо мастите како гориво.

Со самото намалување (исцрпување) на овие јагленохидратни резерви (гликоген) во телото ќе се намали и интензитетот при кој можеме да дејствуваме. Со тренинг, овој сооднос се менува и телото може да добие повеќе енергија од мастите при што ќе се заштеди од гликогенските резерви кои пак ќе овозможат поинтензивна работа во подолг период.

Карактеристики на мускулните влакна

Елитните спортисти во спортовите на издржливост имаат повисок процент на мускулни влакна од Тип 1. Овој тип на влакна има поголем број на митохондрии (клеточни структури) во однос на влакната од Тип 2 и оксидативни ензими кој овозможуваат поголем аеробен метаболизам.

Тренингот за издржливост нема да може да ги трансформира мускулните влакна од Тип 2 во Тип 1, но ќе може да ги адаптира, односно метаболичките карактеристики на мускулните влакна може да бидат променети така што оксидативното производство на енергија станува поефикасно.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија