Наслов

Шеќерен вовед

Колку и да е човек намќор и со лош табиет сепак секој од нас има шеќерна компонента што го прави помалку или повеќе сладок. Еве зошто!

Покрај протеините и мастите, јагленохидратите се органски компоненти кои секојдневно ги внесуваме и претставуваат важен дел од нашата диета. Попознати како сахариди или шеќери тие се наоѓаат во растителниот свет како основни структурни супстанци додека кај анималниот свет и луѓето тие имаат улога на енергетски хранливи материи.

Состав и синтеза
Биохемиски тие претставуваат органски соединенија кои се примарно или секундарно оксидирани поливалентни алифатични алкохоли. Во зависност од тоа дали содржат алдехидна или кетонска група тие се делат на алдози и кетози.

Се создаваат при процесот на фотосинтеза кој се одвива во растенијата и фитопланктоните каде во сложен биохемиски процес (многу посложен од вашите дневни обврски) со помош на сончевата светлина, воздухот и многу други попратни елементи се формира јагленохидрат, а се ослободува кислород.

Во овој сложен биолошки процес растенијата покрај тоа што го ослободуваат витално важниот кислород во нашата атмосфера, тие исто така ги произведуваат јагленохидратите кои човекот и животните ги искористуваат како енергетски потенцијал.

Класификација
Јагленохидратите се класифицираат во четири групи: моносахариди, дисахариди, олигосахариди и полисахариди во зависност на различни критериуми. Тие се наоѓаат во многубројни продукти како што се: овошјето и зеленчукот, особено житарките, млекото и млечните продукти, медот, лебот и тестенините итн.

Функција
Во организмот на човекот тие извршуваат бројни улоги. Полисахаридите служат за складирање на енергија во облик на гликоген, моносахаридите претставуваат прв избор на организмот за енергетските потреби особено на мозокот кој добива енергија исклучително од гликозата, рибозата претставува основна компонента во бројни коензими и е основа на генетската молекула РНА како и дезоксирибозата кај ДНА. Сахаридите и нивните деривати се составен дел на многу биомолекули кои претставуваат важни елементи на имуниот систем, коагулацијата, растот, развојот и фертилизацијата.

29 Октомври 2012

За авторот