Отворена е сезоната на мечкиниот лук

Најдобар за берење е токму во април и мај, па кога ќе поминете низ патека со дискретна арома на лук отворете очи, активирајте раце и полнете кеси.

Во периодов, секој што обожава пролетна прошетка низ шумските раззеленети предели, може да налета на еден од најпотентните антиоксидансни подароци од природата. Дивиот лук уште се нарекува и мечкин лук бидејќи мечките по разбудувањето од зимскиот сон, прво го бараат токму ова растение, полно со антиоксиданси за прочистување крвта, а исто така е деликатес и за дивиот вепар.

Припаѓа на иста фамилија како и питомиот лук, но најчесто се консумираат листовите кои ја имаат истата арома. Се консумираат и главиците и цветовите, но во пролетниот период пред да процвета, листовите се фаворити. Најчесто ќе го најдете во шумски предели, особено на места каде во почвата има многу влага.

Освен што ги има сите полезности за организмот како и обичниот лук, кај дивиот истите се далеку понагласени, па така малку диво лукче може да помогне во намалувањето на крвниот притисок, поседува силни антибактериски и антивоспалителни ефекти. Едно испитување спроведено во Германија покажало дека дивиот лук содржи 4.5 пати повеќе сулфурни соединенија (алицин) од култивираниот лук. Освен тоа има далеку повисок минерален и витамински контент.

Во природата постојат неколку растенија кои наликуваат на дивиот лук, но содржат отровни компоненти. Такви се мразовецот, момината солза, змиското грозје. Верувајте му прво на сетилото за мирис, ако почувствувате арома на лук кога ќе го протриете листот меѓу прстите, тогаш е див лук, во спротивно можеби држите потенцијално летално растение.

Дивиот лук претставува деликатес, а може да се користи на милион начини ако сте спретни во кујната. Почнувајќи од уживање на некоја ливада, во комбинација со домашно спремениот сендвич, па се до песто од див лук.


Њоки со домашно песто од див лук


Можете да го додадете во чорба или супа за убава арома или да си ја потенцирате зелената салата, одлично оди во зелник или тавче со ориз, во секое јадење каде можете да замислите спанаќ или блитва или исушете го, па користете го како зачин. Останува само да поитате по нашите прекрасни планински предели, да се надишете воздух и да си наберете од овој пролетен дар.