Наслов

Лукче за здраво хухче

Да подзаборавиме малку на лошиот здив, можеби за некој единствената работа на која асоцира лукот, и да ги согледаме неверојатните можности на ова многу моќно растение. Не знаеме дали внесувањето на garlic day во вашиот неделен распоред нема да доведе до развод или раскинување со понежната (или погрубата) половина, но здравјето сигурно ќе ви се подобри!

Долго низ историјата лукот не бил само дел од исхраната и фолклорот на човештвото туку и како лек со кој луѓето лечеле артритис, астма, забоболка, ќелавост, чума, рак и кардиоваскуларни болести, но во оваа статија ние ќе се запознаеме со вистинската и научно докажаната нутриционистичка вредност на лукот.

Моќниот зачин не содржи големи количини на макроелементи, тој нема протеини, ниту масти, а јагленохидратите се сведени на околу 1g на едно чешне лук (3g). Но тогаш што е толку моќно кај лукот? Двете главни состојќи кои ги содржи лукот, а од кои потекнуваат неговите медицински вредности се алицинот и диалил сулфидите.

Алицинот е главната состојка која има антибактериски, антивирални и антифунгални својства и таа е активна само кога лукот механички добро ќе се обработи односно изгмечи или иссецка. Покрај обработката, лукот треба да биде свеж и само тогаш широкото антибиотско дејсво на алицинот е најголемо.

Сулфидите пак се всушност токсични во големи дози, но во мали тие делуваат како анти-оксиданси и стимулираат продукција на медијатори кои ги релаксираат крвните садови со што го намалуваат крвниот притисок, го детоксифицираат организмот и го јакнат имуниот систем. Исто така тие превенираат состојби како рак на дојка, простата и дебело црево.

За сите овие позитивни својства покрај алицинот и сулфидите важен дел од играат и фитохемикалиите односно група на флавоноиди кои имаат силна антиинфламаторна и антиоксидансна моќ. Мали количини на калциум, фолати, магнезиум, калиум, селен како и витамините C, А, и K се составен дел на лукот.

Иако конзумирањето на овој зеленчук поради неговиот продорен мирис може да не направи помалку или повеќе асоцијални, тој дефинитивно треба да се користи барем во минимални количини во исхраната бидејќи бенефициите оправдано ги надминуваат негативностите.

31 Октомври 2012

За авторот