Наслов

Мирческа прва на моќниот Шарпланински Скајрејс 2016

Овој викенд во исклучително студени услови се одржа второто издание на меѓуграничната трка во планинско трчање „Шарпланински Скајрејс 2016”. Македонските натпреварувачи имаа севкупен одличен настап, а прилепчанката Мери Мирческа заврши на првата позиција во женската конкуренција.  

Шарпланинскиот скајрејс претставува трка со меѓуграничен карактер организирана од Скајранинг Србија, Бели Вук од Штрпце, Косово и македонскиот клуб за планинско трчање TREX. Таа се одржува секоја година на почеток од август со патека на движење од Старо Село до Штрпце (секоја година се менува правецот) - минува низ врвовите Љуботен 2499 м.н.в, Ливадички врв 2490 м.н.в и Пирибег 2525 м.н.в, оттаму се спушта преку ски центарот Брезовица во Штрпце. 

На трката долга 33км со 2600 метри висинска разлика стартуваа околу 90 тркачи во одлични временски услови, но доста ниска температура, особено на сртот на Шар Планина каде температурата се движеше и под 10 степени по Целзиус. Склопот на услови и самата тежина која ја нуди оваа планина заедно со набиените временски лимити (7 часа за финиш) кои ги има трката условија доста од тркачите да не успеат да стигнат навреме на финишот. 

Сепак, македонската екипа на натпреварувачи може слободно да се пофали со одличниот настап на прилепчанката Мери Мирческа која успеа да истрча за прво место со време од 5:15 и да го освои второто прво место за Македонија на трката, после минатогодишното прво во машка конкуренција на Марјан Бонев. Втора во женска конкуренција оваа година беше Невена Рајкович а трета Марина Николиќ кои заостануваа 15 и 20 минути одделно - позади Мери. 

Со одличниот настап на трката Мери Мирческа само ги надополни своите одлични досегашни настапи како третото место на Трансилванија Ултра (50К) и прво место на Момата Рок Треил (20К)

Во машка конкуренција прв беше Кристијан Стошиќ кој заврши со време од 4:15 (15 минути подобро време од минатогодишниот резултат на Бонев но во обратен правец и со многу поразлични услови на трка), втор беше Душан Базиќ а трет Никола Илиќ. Веднаш зад третопласираниот следеа нашите натпреварувачи Александар Стојкоски, Александар Кирковски и Филип Туманоски на четврто, пето и шесто место.

Исто така, во продолжение на трката финишираа и голем дел од македонски натпреварувачи кои секоја година се во се поголем број на овој настан. 

Фотографија - Foto Finis и TREX

Во продолжение очекувајте и видео од трката. 

15 Август 2016

За авторот