Одлично второ издание на „Момата Рок Треил”

На нов и дефинитивно посвеж датум, во прекрасна природа, со малку измената и подолга патека и со бројка од 95 учесници од сите возрасни категории викендов успешно се одржа второто издание на Момата Рок Треил. Единствено што не се менува е стројната и убава „Мома” која плени со нејзиниот поглед насочен кон Пелагонија.

Момата Рок Треил е настан во планинско трчање кој се одржува втора година за ред на падините на Селечка Планина. Трката е во должина од 19 километри со 1000D+, a истата е во организација на прилепското друштво ЗАПС „Единак”. 

Оваа година организаторите го поместија датумот на одржувањето на трката во малку посвежиот дел на мај, а додаден беше и еден нов сегмент околу врвот Ќуле (после планинарскиот дом Томе Tемелкоски), со што должината се зголеми на 19 километри.

Она што е најважно е дека оваа година Момата ја трчаа и видоа малку помалку од 100 тркачи (точно 95) кои имаа можност да присуствуваат на одлично организирана трка и прекрасна природа. 

Во женска конкуренција првите три места ги освоија Мери Мирческа Џона Бергхел и Тања Пенева Здравева, а од машките најдобри беа Илија Пајмакоски, Дејан Тодевски и Александар Стојкоски, а од атмосферата можеше да се заклучи дека овие, а и сите други учесници си поминаа феноменално…

Во склоп на оваа трка, ПСД Макпетрол од Скопје ја организираше и својата традиционална тура „По трасата на гасоводот” каде учествуваа околу 200 луѓе во планинарската акција на падините на Селечка. 

Со еден збор, овој викенд Селечка беше одличен домаќин на едно прекрасно планинско збиднување. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија