Совети за користењето на планинарските стапови

Доколку си имате мерак на трекинг тури, планинарење и високогорски авантури еве неколку општи информации, кратки извадоци и препораки за планинарските стапови како дел од опремата за планинарење кои ги имаат напишано медицинските комисии на меѓународната планинарска асоцијација UIAA и меѓународната спасувачка организација IKAR.

Општо за планинарските стапови (штеки)
Стаповите за планинарење пред се спаѓаат во опрема за пешачење отколку опрема за качување. Составени се од три дела и служат за намалување на оптеретеноста на нозете (пред сè колената) најмногу кога планинарите одат на долги тури или кога носат тежок ранец. Стапот за да трае подолго, неговиот врв се произведува од карбид. Кога не се носат стаповите тие треба да се прикачени на ранецот секогаш од надворешната страна и задолжително со остриот дел кон долу (бидејќи при евентуален пад можете да се повреди планинарот позади вас), а на врвот се става заштитната капа.

Предности и недостатоци 
Многу планинари и алпинисти користат телескопски стапови при качувања и симнувања бидејќи нивното правилно користење го намалува оптеретувањето на карлицата, колената и скочните зглобови. Телескопските стапови треба да се користат со правилна техника: секогаш се користат двата стапа, со еднаква висина, цврсти рачки, конструирани така да кога се потиснуваат кон тлото даваат цврст ослон. Од пресудно значење е користењето на обата стапа и секогаш во наклонот на телото.

Предности:
Со правилна техника при употреба на стаповите, особено кога се оди низбрдо, тие можат да апсорбираат многу ”тони” тежина. Намалувањето на оптеретувањето на карлицата и зглобовите е посебно изразено во следните ситуации:

1. Кај повозрасните планинари се со поголема телесна тежина.

2. Кај планинари со хронични болести на зглобовите (артритис, спондилитис).

3. Кога се носат големи тежини (експедиции).

4. Кога се оди по снежни падини, влажен терен, при преоѓање на реки, кога се оди низ магла или навечер (во услови на намалена видливост).

Недостатоци:
1. Неправилна техника на користење на стаповите: ако стаповите се држат подалеку од телото тогаш се зголемува напорот и се зголемува ротацискиот момент со што може да ја поремети рамнотежата на планинарот.

2. Намален осет за рамнотежа: со континуирана употреба на стаповите се намалува кординациската способност на планинарот, а со тоа и неговата стабилност без разлика што тој мисли дека е стабилен и сигурен. Недостатокот се воочува на тешки терени како тесни патеки и стени, кога не можат да се употребат стаповите. Сопнувањето на вакви терени се случува кога се употребуваат стапови.

3. Намалување на физиолошките заштитни механизми. Притисокот кој се создава во зглобовите при одењето е стимулус за прехрана на зглобните структури (‘рскавиците на зглобовите), а напрегањето и работата на мускулите ја одржува нивната еластичност. Континуираното користење на стаповите ги намалува овие стимулуси.

Со помош на правилната техника на одење се избегнува пренапрегањето. Многу е подобро и не само од физиолошки причини здравите планинари да се обидат да ја поправат техниката на пешачење без помош на стапови, отколку постојано да ги користат.

Нормално дека ако ја намалат телесната тежина, тежината на ранецот и правилната техника на пешачење ќе се намали и непотребното оптоварување на зглобовите. Тоа значи дека чекорите треба да бидат кратки, еластични, одмерени чекори избегнувајќи ги долгите и брзи чекорења.

Кога пешачите, секогаш користете ги подолгите патеки со завои отколку попречните врвици. Исто така многу е важно да ги избирате турите според сопствените можности. Следејќи ги овие основни совети ќе ги зачувате своите зглобови, па дури и ако планинарите со години.

Заклучок
Употребата на соодветни стапови (штеки) како помош при планинарењето, особено во услови на симнување по стрмни стази, има предност и се препорачува особено кај постари лица и лица со прекумерна телесна тежина. Употребата на штеки при носење на голем товар прави да се чувствувате удобно и сигурно, но таа лежерност при одередни ситуации може да предизвика повреда. Затоа од голема важност е внимателно да се користат овие помагала.