Интервју со тенисерката Лина Ѓорческа

Сакам тенисерка луда фина, да биде како Лина..

Стиховите од “Неправда” на групата Лева Патика си дојдоа како измислени за насловот на ова интервју, нормално со мали измени. Лина Ѓорческа е тенисерка со огромен потенцијал во Македонскиот тенис, има 20 години и го има направено најдобриот пласман во женска конкуренција на една македонска тенисерка..Прашањата се со бекхенд, одговорите се со форхенд. Џус!!

К4Т – Рекетот и Ти, први средби, прва привлечност…
ЛИНА – Прво брат ми почна да тренира тенис во Тетово, а јас како 6 годишно девојче што сè го интересира, од страна, додека брат ми тренинираше ги правев истите вежби сама. Ако вежбата беше да се носат 5 топки на рекет јас носев секогаш неколку плус :)) така што тренерот не успеа да се воздржи и им кажал на моите родители дека гледа голем потенцијал во мене и така започна сè, од 6 години па до денес…

К4Т –  Каде се твоите почетоци, школа тренер и турнири?
ЛИНА –Како што кажав, почнав да тренирам на 6 години во Тетово во ТК Љуботен. Меѓутоа бидејќи таа година 2001 во Тетово немаше услови за тоа, брзо почнав да тренирам во Скопје, во КТК (која веќе за жал не постои) со Зоран Леонтиќ, кој е заслужен за тоа што се издвојував од другите по техниката, а и по начинот на размислување на терен. Колку што се сеќавам, прв турнир ми беше државно до 10 години кое го освоив и на 8 години станав државен првак.

К4Т –  Колку пати годишно учествуваш на турнири и како си задоволна од досегашните успеси?
ЛИНА – Во текот на целата година учествувам по турнири низ целиот свет. Тенисот е многу захтевен спорт како и сите други индивидуални спортови, по цела година патуваме и тоа сами, без екипа како во другите екипни спортови.
Секоја година си поставував некоја цел во врска со ранкингот и досега секогаш се држам до зборот и го исполнувам зацртаното. Во 2015 со тоа што се ранкирав на граница на најдобри 300 во светот станав и најдобра во историјата на Македонскиот тенис. Ама нели секогаш може подобро, па така и ја се надевам на уште поуспешна година од претходната, со повеќе титули на поголеми турнири.

К4Т –  Повеќе си присутна на турнири во странство, каква е состојбата на домашната сцена?
ЛИНА – Една од најголемите пречки што во Македонија нема успешни тенисери на WТА и АТP листата е тоа што нема соодветни турнири на кои македонските играчи ќе можат полесно да добиваат поени и да се рангираат на светските листи. Во нашата држава има само домашни турнири, отворени и државни првенства во неколку категории и поради тоа ние неколку што останавме професионално да се занимаваме со тенис не настапуваме на турнири во Македонија, пред домашна публика. Веќе повеќе од 10 години нема Futures турнири (професионални турнири) и сè додека е тоа така кај нас нема да искочат други успешни играчи на АТP и WТА. 

К4Т – Каде тренираш во Македонија?
ЛИНА – Поради тоа што многу често патувам, не се задржувам долго во Скопје за да можам да одам на класични тренинзи. Таа една недела кога сум во дома играм спаринг тренинзи со машките кои исто така играат професионални турнири во тенискиот клуб ТЕНИСПАРК Скопје.

К4Т –  Колку пати неделно  тренираш и дали се храниш по некаков специјален режим?
ЛИНА – Секој ден ми е исполнет со некаква активност во врска со тенисот. Кога не сум на турнири пробувам да ги корегирам ситните грешки кои сум ги правела во текот на турнирите, за следниот да биде поуспешен. Немам некој специјален режим на исхрана, но пробувам сама да внимавам на начинот на кој што се хранам.

К4Т –  Какви се твоите амбиции и очекувања за 2016 година?
ЛИНА –  Како и сите претходни така и за оваа година си имам некаква зацртана цел, би сакала да се спуштам до 250 место на WТА , а со тој ранкинг ќе можам полесно да бидам во главните турнири на појаки турнири со вредност од 50.000$ , а и ќе можам конечно да играм квалификации за WТА турнири. Кога веќе еднаш ќе почнеш да играш на WТА турнири со награден фонд од 125.000$ тогаш сè е полесно бидејќи се отвараат многу врати. Постепено, чекор по чекор, верувам дека сето тоа ќе се исполни и конечно Македонија ќе има играч на најпознатите турнири низ целиот свет.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија