Наслов

Интервју со Сале Пецев и Баскетот

Сале е дечко што со баскетот прави "салата" и таквите типови не можеш да не ги цениш или да не ги викнеш да играат од твоја на кошот у маало. Го начекавме случајно на ФБ и одма имаше сенд риквест. Одличната брзина, техниката и реакција на овој млад тренер ќе ве остави подзинати. Желбата за успех од авион се гледа дека е голема и силна. Нека не ве залажува она дека студирал Бизнис економија, на Сале други берзи му котираат во глава!

K4T - Каква е врската со Бизнис економијата и баскетот? 
Искрено, па да нема поврзаност меѓу мојот факултет и кошарката. Уште од моите почетоци со топката се знаеше дека без разлика дали ова ќе ми биде професија или само хоби, јас ќе морам да завршам факултет. Одлуката за тоа кој факултет да го завршам сега кога ќе размислам не е ни малку моја, но кој размислувал на 18 години што навистина сака да биде во животот.
Јас не планирав да станам тренер, едноставно мојата цел беше една, да станам професионален играч. Тоа беше и најголемата причина зошто запишав вонредни студии, за да можам да се посветам целосно на кошарката. Знаете, за да се стане врвен во нешто треба да се откажете од многу работи. Кошарката бара премногу време што за работа со топка, за работа на атлетски способности, за правилна исхрана, одмор, опоравок.

K4T - Како се случи да се задлабочиш и да се посветиш на кошарката и да разработуваш твои методи за тренинг?

Патот кој го одев за да дојдам до ова што сум денес беше премногу турбулентен. Како прво, јас не почнав да тренирам кошарка заради моја желба туку заради преголемата желба на мојот татко, кој беше фанатик за овој спорт. После бројни молења да почнам да тренирам, некако и тоа се случи на мои 10 години. Тренирав како и секое нормално дете кое не ја гледа кошарката како ништо друго освен како занимација/хоби.

Најголемата пресвртница во мојата кошаркарска приказна се случува кога добив забрана за тренинг од 9 месеци на мои 15 години заради повреда на коленото. Тука всушност сфатив дека кошарката не ми е само хоби туку дека сакам да се бавам со неа професионално. Во времето додека одмарав почнав да барам инструкциони видеа на YouTube, по странски форуми за како да тренираш сам без надзор од тренер. Така и ги сретнав Ganon Baker, Micah Lancaster, Damin Altizer (Сите тројца NBA Skill тренери) кои веќе имаа извадено безброј видеа за кошаркарскиот тренинг. Од тука почнува она мое сериозно задлабочување каде што сам на себе пробував безброј вежби и методи, притоа не обрнувајќи внимание на правилен тренинг пристап.

Секое лето од мојата 17-та до 21-ва годинајас бев или на терен или во сала. Во првите 3 години знаев да станувам во 4 саат наутро да трчам, да се вратам дома и во 7 саат веќе да сум на терен да работам со топка. Вежбав буквално не помалку од 6-7 саати на ден, без никаква саатница, посебна исхрана или лимитиран одмор. Веќе после тоа лето 2010 почнав да внимавам на детали, почнав да одам во теретана каде што исто пробував најразлични типови на тренинзи со цел да ги подобрам атлетските способности. Полека но сигурно добивав резултати, и кога се чувстував најспремен во мојата последна година во младинските лиги доживувам една не толку сериозна повреда на левиот зглоб на ногата која заради неправилен третман прерасна во хронична и со која ден денес си имам проблеми. Моментално сум под забрана за интензивни тренинзи (сè што вклучува трчање) и се надевам после 4 години мака ќе дојде моментот кога пак ќе биде по старо.

Имено и покрај мојата повреда јас продолжив да тренирам, бидејќи како што ми беше речено од еден од лекарите каде што одев на физикални терапии, многу професионалци играат со болки. Несфатливо, но сепак мојата желба за враќање на терените беше посилен од претходно што ме натера да верувам во тоа. Во периодот после повредата продолжив паметно да тренирам и да се консултирам со врвните тренери кои ги наведов погоре за тоа како да балансирам измеѓу тежински/кондиционен и технички тренинг, колку одмор измеѓу тренинзи да имам итн. Никогаш не сум размислувал за разбработка на мои методи, но самиот период кои го поминав со топката пробувајќи работи на себе доведоа до степен каде што знам што е добро, каде сум правел грешки, што да додадам, а што да елиминирам. И покрај тоа јас сеуште учам и ќе учам се дури кошарката се игра.

K4T - Кажи ни нешто повеќе за тоа колку време ти беше потребно да ја усовршиш техниката, координација и брзина?
Морам да кажам дека не секој може да ги има истите таленти/предности како играч, па така и јас уште од почетокот ја имав онаа дарба со топката да правам најразлични вежби. Сепак, времето што го поминав е клучниот фактор за мојата брзина, координација и техника. Ова го правам од 17-тата година особено со акцент на летниот период (Јуни, Јули, Август).

K4T - Досега каде си бил тренер и дали работиш индивидуални тренинзи?
Мојата тренерска кариера не била во план сè до пред некој месец кога таа пасија што ја имав додека тренирав за да станам играч не ја осетив кога станува збор за помагање и тренирање на играчи.
Инаку, како тренер имам кратко искуство со младинскиот кошаркарски клуб КК Феникс во период од 6 месеци.

Што се однесува на второто прашање, мојот метод пред сè, се темели на индивидуална подготовка на играчот што тој не може да ја добие во текот на сезоната каде што обврските на тимски план се големи.
Сепак отворен сум за соработка со тимови на кои им е потребна промена во техничкиот пристап на нивниот тренинг.

K4T - Во кој правец сакаш да се усовршуваш и дали за тебе тапкањето баскет е своевидна медитација?
Во иднина имам големи планови во однос на моето усовршување и на зголемување на моето така наречено движење "Be Uncommon".

Што се однесува на тоа дали тапкањето на баскетот го чуствувам како медитација, да, иако нема да лажам ако кажам дека во некои тешки моменти додека сум бил повреден сум бил во ситуација да размислувам за можно престанување.

10 Јуни 2016

За авторот