Активно и после 50тата со Љупчо Спасовски

Тимот на k4t.mk ја имаше таа чест да документира неколку тренинзи и еден кошаркарски натпревар со харизматичниот ветеран Љупчо Спасовски за кој може да се каже дека во Македонија е еден од физички поактивните особи на негова возраст. Си ги мери силите со младите и воопшто не заостанува зад нив, напротив, неговиот натпреварувачки дух го води напред и не помислува да се предаде во скоро време.

К4Т.МК – Како стигна до тоа да те изберат за најстар кошаркар кој изиграл официјален натпревар за второлигашкиот тим “Водњански лисици”?
Љупчо – Па, со резултати! 🙂 Ги имам годините (55 години), се пријавив во лигата и добив лиценца, не може поинаку. Тоа значи дека прво треба да ги поминам сите лекарски прегледи, спортска медицина да потврди дека сум спремен и здрав за да ги поднесам физичките активности за да можам да аплицирам за лиценцата. Потоа тренерот одлучува дали нешто вредиш и имаш квалитет, а јас го имам!

Го изиграв натпреварот за ”Лисиците” против ”Борец” од Велес и автоматски бев регистриран како најстариот кошаркар кој изиграл профи натпревар во Македонија, а рекордот предходно му припаѓаше на Будимир Јоловиќ (49 години), па на Мирослав Георгиевски-Паланка (52 години).

К4Т.МК – Кога кошарката ти влезе во крвта?
Љупчо – Јас отсекогаш сум сакал да се дружам со топката, има нешто магично во неа. Затоа, штом видам топка веднаш почнувам да кореспондирам, тоа е убавината на спортот. Догодина ми е 50 годишнина од кога прв пат почнав активно да тренирам кошарка. Во тоа време ја отворија пионерската школа во “Песталоци”, потоа се префрлив во “Радивој Корач” и оттогаш љубовта кон топката продолжи, во континуитет.

Играв за Македонската репрезентација, како и за Југословенската јуниорска репрезентација своевремено. Дома имам исечоци од весници и списанија, каде е документирано кога биле натпреварите, кој бил прогласен за најдобар играч, кој колку кошеви дал и слично.

Морам да напоменам дека 3-ките ми се специјалност!

К4Т.МК – Дали продолжи да тренираш кошарка и откога се пресели во Канада? Има ли голема разлика во организацијата на лигите за ветерани помеѓу Македонија и Канада?
Љупчо – Секако, во Канада покрај тоа што бев активен член во својата лига, играв фудбал, пливав и куглав. Таму е многу поорганизирано од тука, има лиги од 30-35, 40-45, 50 па и повеќе години, се организираат првенства, се патува тимски.

Во Македонија е многу тешко да се најдат луѓе од генерација кои би издржале да изиграат повеќе натпревари на 2 коша. Јас играм кошарка неколку пати неделно и тоа со 15 луѓе, компетитивно на 2 коша, но чудно е што повеќето дечки се прилично млади. Ама кога нема конкуренција, нема многу избор. Најважно е човек да не се предаде!

К4Т.МК – Како ја одржуваш кондицијата?
Љупчо – Водно секој ден, или секој втор, 2 пати минимум до врв на Водно, а другите денови до Поштенско или до Средно Водно. Потоа, возам точак до средно и до врв на Водно или на кејот Вардар од Аеродром до Влае и назад, а исто така возам ролери и трчам. Редовно одам и на фитнес, на овие години важно ми е да ја одржувам мускулната маса, бидејќи покрај силата која ми ја даваат, мускулите спречуваат и доста повреди.

К4Т.МК – Како во Канада постигнуваат да останат физички активни и на поодминати години, а тука потешко им паѓа?
Љупчо – Стилот на живот им е поразличен од тука. Во Канада малку се пуши, ретко се пие алкохол, рано се легнува… Тие гледаат да бидат редовни во физичките активности, да не отсуствуваат и секој слободен момент да го искористат во промовирање на здравиот живот. Играат повеќе спортови, возат точак, пливаат, скијаат, сè што може да се прави во тековната сезона, тоа го користат.

К4Т.МК – Кој е твојот иден предизвик?
Љупчо – Во животот сум пробал многу работи, но нареден предизвик би ми бил да се фрлам со падобран. Скокав банџи, тоа беше одлично искуство проследено со многу адреналин и возбуда, па затоа мислам дека и фрлањето со падобран многу би ми се допаднало.

К4Т.МК – Би сакал ли да истакнеш уште нешто?
Љупчо – Би истакнал дека на овие години континуитетот е најважен. Ако малку се ескивира, одма се чувствува пад во кондицијата. Мене најтешко ми доаѓа кога ќе се повредам, бидејќи треба време за рехабилитација и за потполно заздравување на повредата. А за тоа време неминовно се губи континуитетот. Кога го повредив скочниот зглоб ми требаше скоро година дена да се опоравам, а тоа многу тешко ми падна.

Исто така, ја повикувам мојата генерација да се активира, никогаш не е доцна да се започне со здрав живот, а и оние помладите кои не се толку активни, да се активираат физички, тоа да им стане дел од секојдневието, да бидат континуирано активни и да не го губат натпреварувачкиот дух со годините. Почетокот е тежок, но исто како во војска, најтешки се првите 12 месеци, потоа сè е полесно хахаха…

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија