Осум децении дружба со велосипедот- интервју со Миле Станковиќ

Роден во 1932 година и во раката признание за највозрасниот учесник на велосипедската трка „Трофеј Ѓорче Петров 2013“ беше доволна провокација за да направиме интервју со Миле Станковиќ. Со своите осумдесет и една, и без многу маки си го помина маратонот коj богами е сериозен потфат.

Колку често на оваа возраст велосипедот е дел од вашето секојдневие?

Мојот велосипед е дел од мојот живот,  од секојдневните активности како превозно сретство во секој момент. Со него се чувствувам слободно, сигурно и многу ефикасно за да завршам секоја задача низ нашево Скопје. Јас секогаш сум спремен и да извозам колку сакам, полека и онака без брзање.

Од кога се роди вашата љубов кон велосипедоите и дали го помните својот прв?

Првиот велосипед во нашето семејство го имаше мојот татко. Тој во 1936 година возеше во тоа време редок точак марка ЗЕНИТ. Целото рано детство ми беше поврзано со овој точак. Го сакав, го возев и се гордеев што имаме таков точак. Тоа беше љубовта на целото наше семејство.

Дали во тоа време имаше некаква форма на натпревари и кога активно почнавте да возите трки?

Мојот прв и единствен клуб беше Работнички. Клубот во 1956 година ми даде тркачки точак-табулар марка Јулија , италијанска марка и со него дрес Јулија. Бев среќен и со него настапував на сите републички и сојузни друмски трки. Во тоа време се одржуваа и велосипедски трки на контраши. Во Работнички главни ни беа чичко Боро Костов и тетка Милка кои беа главни во организацијата на сите тренинзи и трки. Најмногу трениравме на дестинациите кон Тетово и Титов Велес. Се разбира на макадам, немаше тогаш асфалтни патишта. Се возеа ЛЕГНАНО, БЕТЕТО, ЈУЛИЈА а подоцна и РОГ, АЛПЕС. Се случуваше на еден тренинг и по неколку пати да се менуваат гуми.

Кулевски ни беше најдобар, а јас скоро секогаш бев втор возач. Учествуваа на трките 20-30 велосипедисти со многу спортско дружење, бодрење и помагање. Низ градовите се собираа многу граѓани кои не поздравуваа и бевме сегде добра атракција и херои на велосипеди.

Колку во тоа време се обруваше на тоа како се храните и како тренирате?

Се беше „лесна“ храна, бидејќи току имавме. Пред тренинг често одев со сендвич со две печени пиперки ама за време на тренинг возењата сите напаѓавме како сколовранци по некое лозје, бостан па дури некоја бавча со патлиџани, нека ми простат газдите на тие имоти ама тоа беше вистина. На трките главните ручеци ги договараше чичко Борис и тие не беа ништо посебно. Главна пијачка беше се разбира водата.

Имавме желба и сакавме да возиме и да се такмичиме и сето друго не ни беше важно. Приказната за Шабовиќ од велосипедскиот клуб СЛОГА дека јадел понекогаш и цела кокошка пред савезни трки, сите ја знаевме, ама неговото семејство одгледуваше кокошки и можеше таков луксуз да си дозволи.

Од оваа перспектива дали сте носталгичен за тие времиња?

Не, не сум носталгичар, па јас си возам секогаш и учевствував на сите аматерски натпревари после мојата кариера како натпреварувач, но и понатаму ќе си возам. Убаво ми е кога возам, но не се чувствувам убаво кога не гледам повозрасни луѓе да возат. Ами велосипедизмот не е резервиран само за младите.

Горд сум што во моето семејство сите возат и сите го почитуваат велосипедот како дел од животот. Точакот е дел од мојот живот, тоа ми е здравје и ми прави задоволство секој ден. Си правам редовни здравствени контроли, редовно дарувам крв, јадам толку колку што ми треба ама најредовно возам и ќе возам точак. Ни една домашна обврска не ми е тешка ако е поврзана со мојот точак АЛПЕС кој е стар 61 година. Тој е мојот другар и дел од мене, како и мојата сопруга со која 56 години сме во брак.

Што си посакуваш….?

Сакам многу луѓе да користат велосипеди во секојдневниот живот, сакам да има повеќе велосипедски стази во градовите и повеќе маратони и натпревари. Можеби е убаво да има и некое маратонче организирано за повозрасната категорија, да се видиме и да се почастиме со дружење.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија