Моќта на внатрешната тишина

За да успееме да го доживееме тоа што значи среќа, потребно е да практикуваме тишина.

Во денешниот модерен начин на живот, сетилата ни се постојано бомбардирани од најразлични надворешни дразби. Во видокругот ни доаѓаат слики што постојано се менуваат, до ушите ни допираат најразлични звуци и сето тоа ни го одвлекува вниманието. Освен надворешната бучава, постои бучава и внатре во нас. Кога не се занимаваме со она што доаѓа од надвор, умот ни е исполнет со разни мисли – сеќавања, анализирање, грижи, планови и слично, кои тешко можеме да ги контролираме. Ваквите надворешни и внатрешни дразби ни го окупираат вниманието, а притоа го губиме сегашниот момент. Нашето внимание секогаш делумно е обземено со мисли, па што и да правиме и каде и да се наоѓаме, никогаш не сме целосно во тоа.

Затоа е важно да постигнеме целосна свесност за она што се случува околу нас и во нас – да бидеме свесни каде навистина се наоѓаме, она што е околу нас да го гледаме толку реално и живо со изострена перцепција и да бидеме свесни за нашите емоции. Дури тогаш ќе можеме да постигнеме чувство на подлабок внатрешен мир и среќа. Обично луѓето мислат дека среќата се засновува на уживање, добивање пофалби и внимание од другите, но тоа всушност не е така. Најдлабоката среќа ја доживуваме кога сме во контакт со нашата внатрешна природа и таа не зависи од нешто што е надвор од нас.

За да успееме да го доживееме тоа што значи среќа, потребно е да практикуваме тишина. Живеењето во градската бучава, работата и други проблеми се стресни за нас, но секогаш можеме да се ослободиме од тоа и да го смириме умот со помош на одредени јогиски техники, како што е медитацијата, или едноставно со прошетка во природа или седење во соба во целосна тишина. Не мораме слободното време да го исполнуваме со гледање телевизија или со седење пред компјутер. Напротив, треба да си обезбедиме време кога ќе можеме да се одмориме во тишина и повторно да воспоставиме контакт со себеси.

Марија Сиљаноска Михајлоска, наставник по јога