Наслов

Можеби е подобро да си прилегнеш наместо да одиш на тренинг

Статијата што сите ја чекавте... 

Сме биле во ситуација кога ама ич не ви се станува од кревет за да одите на тренинг пред работа, или кога сте во дилема дали да дремнете насместо да одите на договорената сесија трчање на кеј. Иако тренингот и редовната физичка активност се основни за многу позитивни и благородни здравствени состојби, сепак, некогаш можеби е подобро да отспиете и одморите како што треба, наместо да се напнувате на тренинг. Го разработуваме делот на сон версус тренинг. 

Факт е дека квалитетниот и адекватен сон и одмор на телото и умот претставува еден од клучните елементи за здравјето на човекот, па секое негово нарушување знае повеќестепено и негативно да влијае на нашиот организам.

Во многу наврати се потврдила конекцијата помеѓу пролонгираните сесии на лош сон со пад на имуниот систем и пореметување на хормоналниот баланс на телото, а мозокот заедно со целиот нервен систем несомено пати од овој недостаток. Сепак, да видиме како лошиот сон може да ви го саботира и тренингот и физичката активност? 

Неефективни тренинзи и повреди

Поради тоа што преку сонот се остваруваат едни од најважните процеси на опоравување на мускулоскелетниот и нервен систем по напорни тренинзи и спортски активности, веднаш можеме да заклучиме дека ова несомнено ќе доведе до лоши и неефективни тренинзи отпосле. 

Истотака, намалувањето на когнитивните способности на умот - вниманието, фокусот и времето на реакција при изведување на вежбите или тренингот станува уште поголемо откако сме недоволно одморени. Затоа отсуството на правилен сон и одмор на телото и умот индиректно може да доведе до повеќе повреди за време на тренинзите. 

Доколку навистина сакате да останете здрави и фит, сонот и одморот е приоритет. 

Помалку сон - поголем процент на масти во телото

Овде зборуваме за хормоните Грелин и Лептин кои го регулираат чуството на глад и ситост во телото. Грелин ни го зголемува апетитот, а Лептин се лачи кога телото има внесено храна и затоа имаме чуство на ситост. Слабиот сон го зголемува лачењето на Грелин, а го намалува нивото на Лептин па затоа сме многу повеќе стрвни и гладни откако имаме лош сон. 

Ова е претставено и преку неколку истражувања. Испитаниците кои во просек спиеле по 6 часа на ден имале 27% поголеми шанси да бидат здебелени, а оние кои спиеле само 5 часа имале дури 75% поголеми шанси. 

Слабиот сон си оди рака под рака со мрсниот бурек наутро

Според една студија од 2016 година, недостатокот на сон допринесува луѓето да консумираат повеќе калории во следниот ден. Резултатите покажале дека овие луѓе одбираат храна која е 9% покалорична отколку изборот што го прават кога се добро одморени, а истотака, недостатокот на сон се поврзува и со складирањето на масти и формирањето на масно ткиво околу појасот - депо место кое најтешко се отстранува. 

Ова се поврзува со високите нивоа на хормонот кортизол кои се детектирани кај испитаниците. 

Поради овие неколку причини, некои нутриционисти сметаат дека сонот е исто толку важен за здравјето на човекот, колку и тренинзите и физичката активност. 

06 Февруари 2018

За авторот