Наслов

Криотерапија му е мајката после повреди

Како што кесичка мраз може да те спаси при свежa повреда на нога, рака или било што, ништо друго не може. Поевтина и попрактична варијанта за олеснување на болки, освен ако не одберете студенилото да доаѓа од лименка пиво или сок, нормално локално аплицирана, не испиена.

Локалната криотерапијата е метод на лечење со помош на примена на ниски температури со цел да се оладат ткива, органи или цело тело. Докторишта како Хипократ, Авицена, Гален го опишале и применувале низ времињата многу сериозно и со голем успех. Поради заблудата на науката, криотерапијата едноставно беше истисната од многуте софистицирани физикални методи.

Да не им се лутиме на нашите баби и дедовци кои интензивно ни ги затоплуваа сите повредени места, ни ставаа ракија, не масираат со какви не топли „свети води" (случајно да не настинеме) па дури и при покачена телесна температура (случајно да не донастинеме иако сме веќе настинати) или при каснување од некои инсект за полесно да си отиде отровот. Тоа е нешто што треба едноставно да го заборавиме.

Мразот, студената вода или посовремените методи и апарати за ладење (гелови, спреови, течен азот, студен воздух) во основа имаат ист принцип кои се објаснува со неколку фази низ кои поминуваат крвните садови.

Во првата фаза или во моментот на пласирање на криотерапијата доаѓа до вазоконстрикција или стеснување на крвните садови. Кожата станува бледа, болна и неосетлива.

Кога температурата ќе падне на 15 степени настанува вазодилатација или проширување на крвните садови. Ова е втората фаза и се карактеризира со црвенило на кожата, затоплување, намалување на отокот и болката.

Во втората фаза всушност имаме поголем дотур на биолошки вредни материи како цитокини - антивоспалителни супстанци, опојни пептиди, хормони и какви не невромедијатори. Се зголемува лимфната и венската дренажа т.е. елиминацијата на крајните штетни продукти на метаболизмот. Аналгетскиот ефект се објаснува со тоа што ниската температура го намалува преносот на информации за болка до повисоките центри.

Сумирано криотерапијата има неколку битни дејствија: aналгетично дејство кое го намалува болниот синдром, антиедематозно – намалување на отокот, антивоспалително и анестетично. Крвните подливи и хематомите битно е да се спречат во првите 48-72 часа.

За постигнување на целта, намалена болка,намален оток или превенција од појава на хематом се препорачува примена на ледени облоги, или студени компреси или било каква студена алтернатива неколку пати во денот не повеќе од 10-20 мин или до појава на болка.

Препорачано секогаш да се пласираат индиректно т.е. преку некоја крпа или газа.
Криотерапија по можност веднаш по повредата го зазема високото место во препорачаниот принцип за ургентен третман на повредите R.I.C.E – Rest - одмор, Ice - мраз, Compression – компресија и Elevation - подигање на повисоко.

Овие принципи, особено примената на криотерапијата има непроценлив бенефит во секој случај. Ако се работи за помали повреди, контузии, лекувањето може и да биде завршено, а ако се работи за посериозен проблем постапката криотерапијата само ќе прекине дополнителни евентуални компликации во акутната состојба.

Контраиндикациите се поврзани со нетолеранција на студено, ревматоиден артритис, Рејно синдром, но тоа се ретки ситуации.

Познавањето на овој благороден лек со постапката,ем евтин ем ефикасен, треба да биде познат на сите консументи на спортските благодати, а се надевам дека еден ден ќе биде внесен и во образовните програми на најмалите возрасти како првичен принцип при одредени состојби и повреди.

04 Март 2013

За авторот