Како да се заштитиш и подготвиш за тренингот во лето?

Веројатно сите сакаме да тренираме на отворено и во природа. Летото е идеална прилика за тоа но исто така е и дел од годината кога УВ зрачењето е најголемо и кога температурите се исклучително високи.

Трчање, возење велосипед, одбојка на плажа, фудбал, пливање… Можностите за тренинг и активности во лето се бескрајни. Но исто така УВ зраците во комбинација со сериозно високите температури се сериозен фактор кој не само што може да ви го уништи тренингот на отворено туку може и да ви предизвика сериозни и долгорочни здравствени проблеми.

Тоа не значи дека летото треба да го поминете затворени во вашиот дом, напротив, тоа значи дека треба да се прилагодите на амбиенталните услови и адекватно да ја заштитите пред се вашата кожа која е најизложена на штетните зраци.

Тренирајте рано наутро или по зајдисонце

Во текот на летото, утрото е убедливо најсвежо и во овој период од денот вашата директна изложеност на сонце нема да биде опасна бидејќи и УВ зрачењето е сеушто ниско. Ако сте екстра дисциплинирани би било идеално тренингот да го почнете уште пред изгрејсонце. Сепак ако не сте толку ранобудни секогаш можете да почнете малку подоцна. Како крајно решение ви останува тренингот по зајдисонце кога нема да ги чуствувате сончевите зраци но сепак имајте во предвид температурата сеуште ќе биде значително повисока од онаа во утрото.

Носете заштита за очи и глава

Носењето на капа, визор или бандана за време на летните тренинзи е нешто што едноставно мора да го почитувате. На тој начин ќе ја заштитите главата од надворешната топлина, односно со нив главата подолго време ќе ви остане “ладна”. Исто така носењето на капа, визор и очила ќе ви ги заштити очите и лицето од изгореници и постојано грчење заради прејаката светлина.

Тренинг под сенка

Ако едноставно немате опција и тренингот мора да го направите малку подоцна во текот на денот, тогаш задолжително одберете место кое има природни сенки од дрва. Значи опција се паркови, шума, двор и така натаму. Без разлика на сенките никако не заборавајте постојано да се хидрирате.

Заштитни креми и други препарати

Доколку имате сензитивна кожа или пак не сте биле доволно изложени на сонце во претходниот период, пожелно би било да користите и креми за сончање со заштитен фактор. Внимавајте кремата да ја нанесете барем дваесетина минути пред да го напуштите домот и внимавајте таа да биде водоотпорна и да не ги загушува порите на кожата. Доколку имате проблем со пукање на устата тогаш во предвид доаѓа и балсам за уста (лабело).

Секогаш бидете екстра хидрирани, со себе имајте шише вода, прилагодете ја исхрана соодветно со условите, внесувајте многу овошје и зеленчук.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија