Трк во длабокото

Тренингот во вода, за најголем дел од тркачите и спортистите воопшто, е поврзан со процесот на рехабилитација по здобиената повреда на нозете или долниот дел од кичмата, но она што малкумина го знаат е дека трчањето во вода, посебно во длабока вода, е одличен начин за превенција на повреди и специфичен тренинг кој е возможен единствено во водена средина.

Трчањето во длабока вода спаѓа во групата на интегрални тренинзи за целото тело кои се исклучително важни за превенција од повреди на мускулно-коскениот систем. Нискиот импакт врз стапалата (долните екстремитети воопшто) и кичмата го прават ваквото трчање совршена можност за пауза и опуштање од претренираноста и репетитивниот механички стрес на кои спортистите се изложени.

Овој тип на тренинг може да се изведува во базен или во било која водена средина во која има минимум услови за ваков тренинг. Целото тело треба да биде во вода а над неа треба да останат единствено рамената, вратот и главата. При изведување на вежбата, колената треба да одат високо нагоре до висина на стомакт. Поентата е да се ангажира и стимулира целото тело а притоа да се минимализира физичкиот стрес. Трчањето во длабока вода е делотворно затоа што ја зголемува срцевата фреквенција (слично како трањето на суво) и згора на тоа, заради физичкиот отпор на водата, позитвно влијае врз целокупната група на јадрени мускули, како и мускулите на градниот кош.

Овој тренинг може да се вклучи и во редовниот тренажен процес како замена за тренингот на лактатен праг или тренингот со максимална потрошувачка на кислорот (VO2Max). Истражувањата потврдуваат дека при тренингот во вода, срцевата фреквенција е пониска за 10% од онаа при трчање на суво, но од друга страна носи зголемено чувство на замор и потршувачка на калории заради ангажираноста на речиси целото тело.

Почнете со 15тина минути по тренинг и постепено зголемувајте ја минутажата. Препорачливо е ваквиот тренинг да не трае повеќе од 50тина минути. Запомнете, секогаш водете се од субјективното чувство на замор.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија