Наслов

СПИНИНГ, повеќе од вртење педали

Возењето на класичен статичен велосипед по дома и не е така лоша идеја ако сакате да направите кардио тренинг а нема услови за да го направите на отворено. Одличен начин да согорите калории и да се ослободите од стресот или да се стартувате за работниот ден. Но најчесто, заради немањето желба да се вежба сам во затворен простор статичниот велосипед ќе си ја смени намената и ќе ви послужи како закачалка за вашата облека, како што и најчесто се случува.

Доколку ви е потребна мотивација, социјализација и дружење за време на вашиот тренинг, а притоа да не го поминете во празни муабети и пропуштени серии од вежби, тогаш пробајте Спининг. Спинингот во група со инструктор ви дава чувство дека сте дел од пелотонот на Тур де Франс. Гласна музика, пот и забрзано дишење, исправање и седнување, промена на темпо и отпор, охрабрување од инструкторот и вртење на педалите до чувство дека нозете ви горат.


Дизајнот на спининг велосипедот ќе ви овозможи да направите посериозен тренинг без разлика дали работите дома сам или во група. Овој тип на велосипед не се разликува на прв поглед од конвенционалните статични велосипеди, но геометријата на неговата рамка и механизам за пренесување на силата низ верига се до диск кој тежи од 13-22 кг ви го дава чуството како да возите вистински велосипед. Тоа го прави спинингот велосипедот многу возбудлив за тренинг.

класичен велоергометар и спининг велосипед (Indoor)

Повеќе согорени калории
Спинингот ви овозможува да согорите околу 500 -700 калории за 45 минути, што е огромна количина во споредба со други видови на тренинг. Сепак, количината на согорени калории ќе зависи од интензитетот на тренингот и од вашата подготвеност да издржите работа во анаеробен режим.

Тонирајте повеќе од вашето тело
За разлика од класичниот статичен велосипед,  спининг велосипедот ви овозможува да возите исправено, наклонети на лево или десно или исфрлени зад седиштето со карлицата при кое ангажирате поголем дел од вашето тело. Доколку тренингот е добро дизајниран, со соодветен ритам на вртење и често менување на позиции тогаш ќе имате целосен ефект како и на кардио васкуларниот систем така и на тонусот на мускулите. Нај натоварени се централните групи на мускули: стомакот, долниот дел на грбот, колковите, задникот и бутовите. Кога ги вртите педалите без поголем отпор ќе работите во аеробен режим а кога работите побавно под висок отпор, ги зацврстувате мускулите.

19 Октомври 2012

За авторот