Наслов

Маратон - кога му е мајката?

Трчањето е прв избор за спорт на голем дел од светската популација. Да бидеш активен тркач значи да бидеш посветен, дисциплиниран, да имаш цел. За многумина таа цел се нарекува маратон - најтешката тркачка дисциплина. Ако единствената цел ви е да финиширате маратон тогаш оваа статија можеби нема премногу да ве интересира, но ако сакате да бидете најбрзи што можете тогаш можеби не е лошо да знаете која е идеалната возраст за трчање маратон.

Маратоните се се побројни. Се чини дека новиот милениум ја надмина златната тркачка ера на осумдесетите. Светските маратони имаат по неколку десетина илјади учесници. Со други зборови, трчањето го живее своето второ големо бум, а со самото тоа и маратонот како дисциплина.

Токму од овие причини група шпански научници почнале да истражуваат кое е најдоброто време за трчање маратон, односно на која возраст човекот може да го истрча своето најдобро време. За потребите на оваа студија биле искористени финишерските времиња на 45.000 учесници на Њујоршкиот маратон кои биле на возраст меѓу 18 и 70 години.

Резултатите од студијата покажале дека идеална возраст за постигнување најдборо време на маратон е 27 години за мажи и 29 години за жени. Финишерите кои биле помлади од оваа возраст имале во просек по 4% поспоро време за секоја година помалку од оптималната возраст и за 2% поспоро време за секоја година над идеалната.

Ваквото опаѓање на резултатот е видливо и тоа постепено расте се до 55 година кога разликите почнуваат да стануваат значително поголеми.Студијата исто така покажала дека финишерите кои имаат 18 години имаат речиси исто финишерско време како учесниците кои имаат 60 години.

27 Октомври 2017

За авторот