Наслов

Спринт во пелени

Она што сигурно ќе го забележите кога вашите најмили „енергетски бомби" ќе почнат да се телепортираат секаде низ вашиот дом, е дека да се биде родител помалку или повеќе е спорт. Нивниот физички развој треба да го стимулираме и следиме за да поттикнеме формирање здрава и енергична личност.

 Иако не е олимписки спорт, родителската грижа ќе ве натера да клекнувате, да лазите, да се качувате и поттрчнувате секогаш и секаде. Нема правила, нема судии, имате само постојан предизвик да бидете во низок старт.

Доколку сте родители од скоро треба да знаете дека нивниот физички развој секогаш ќе следи еден генерален редослед, но секоја детска индивидуа си има сопствен временска рамка во која ќе се активираат одредени сегменти од моториката.

Понекогаш се случува седуммесечно бебе да може да лази, додека друго на истата возраст сѐ уште да не е спремно да се задржи четириношки.

Во друг случај, ќе сретнете едно петгодишно дете, кое според својот физички развој и карактеристики изгледа како сѐ уште да има само четири години, додека друго може да изгледа како да е на училишна возраст.

Физичкиот развој до 6 месеци
На оваа возраст вашето дете ќе покаже способност да прави разлика во надворешните дразби. Доколку лежи на грб ќе почне да ги исправа и свиткува рацете и нозете. Тоа, исто така, ќе ја крева главата кога е свртено на неговиот стомак и, најверојатно, до оваа возраст ќе може самостојно да се превртува.

Физичкиот развој од 6 до 18 месеци
Тоа може да го контролира своето торзо и рацете, седи без поддршка, ползи и ја зголемува контролата на нозете и стапалата. На ваша радост, на оваа возраст малечките слободно лазат по подот се обидуваат да застанат и по сите обиди успеваат да врзат неколку последователни чекори и да одат. Одржуваат баланс и посегаат по предмет на подот и ги подигаат исправувајќи се без никаков проблем.

 Физичкиот развој од 18 до 24 месеци

На оваа возраст покажуваат поголема физичка независност. Одењето веќе е усовршен метод на транспорт па дури и по скалила ако тие се негова препрека. Доколку го храбрите координацијата во одењето ќе се кристализира со секој изминат ден. Обезбедете му услови за физичка активност од типот на качување и симнување од кревет или некакви слични препреки.

Физичкиот развој од 2 до 3 години
Одењето нагоре и надолу се веќе секојдневие, ќе почне да трча, да исфрла топка со рацете над глава и притоа да задржи баланс, да клоца топка, да скока на една нога, итн. Почнува да седи самостојно на стол и додека се храни само ќе користи виљушка и лажица. Натерајте го да направи неколку чекори на прсти или да прескокне препрека без да загуби рамнотежа, така ќе го стимулирате и потикнете развојот на неговиот баланс. Можете да го поставите на велосипед и да го охрабрите да ги врти педалите.

Физичкиот развој од 3 до 4 години
На оваа возраст детето вози трицикл или точак со помошни тркала. И при трчање одржува рамнотежа, затоа вклучете го во игри со трчање и разни брканици бидејќи во овој период се движат и напред и наназад без тешкотии. Додадете игра со топка во која ќе има и други деца. Затоа обезбедете му доволно простор каде што може да ужива, да игра фудбал, тенис и разни други индивидуални и групни активности.

Физичкиот развој од 4 до 6 години
Трчањето е стабилно и брзо и со ретки падови. Може да скока наназад на една нога и полесно ги координира комплексните движења дури и кога се качува на најразлични справи и препреки, умее да користи разни клацкалки разни помагала, јажиња, да вози ролери. 

Низ физичката активности децата полесно ги прифаќаат сите предизвици, другаруваат и учат како да постават цели. Учат за сопствената одговорност и за одговорноста кон другите.

Затоа, можеби најдобриот начин, е да создадете блискост и интеракција со вашето дете преку играње, читање, рекреирање и спортување заедно. Тоа сигурно ќе ги направи среќни и исполнети.

Нивната енергија е неисцрпна, љубопитноста е доволна, нивното пискање е секогаш прегласно, но така растат децата.

Затоа треба да сте начисто дека наместо штиклите и костимот треба почесто да облекувате патики и тренерки и наместо на кафе и на шопинг да одите заедно со своите омилени атлети во парк, во природа и секаде каде што можете да визуелизирате арена за вашите мали гладијатори.

03 Октомври 2012

За авторот