Анти-стрес витамин

Витаминот Б6 на многумина им е познат како анти-стрес витамин кој го смирува телото и нервите. Ова мислење до некаде е точно, но постојат неколку основни начела за тоа колку и како треба да се конзумира овој важен витамин. 

 

Витаминот Б6 кој е исто така познат како пиридоксин игра важна улога во организмот. Тој е потребен за метаболичките функции кои ја претвораат храната што ја јадеме во енергетско гориво. Го поддржува нервниот систем и е важен за метаболизмот на мастите и протеините. Помага за да имаме здрава кожа, очи, коса и црниот дроб.

Овој витамин помага и при контрола на количините на хомоцистеин во крвта. Висок хомоцистеин во крвта се поврзува со висок ризик од срцеви заболувања. Витаминот Б6 е потребен за формирање на црвени крвни зрнца, а во исто време го поддржува и имунолошкиот систем. Исто така, му помага на витаминот Б12 да се апсорбира од дигестивниот систем.

Со витаминот Б6 можете да се снабдиме преку храната која ја конзумираме. Изворите на храна богата со овој витамин се црвено месо, живина, витамински-збогатен леб, витамински-збогатени житарици и школки. Помали количини се присутни во зелениот лиснат зеленчук, овошјето, мешунките и целите зрна.

Недостаток на Витамин Б6
Недостаток на витаминот Б6 е ретка појава, бидејќи обично се внесува во доволни количини од храната која ја јадеме. Овој витамин е растворлив во вода, што значи дека не се чува во телото и, следствено, треба постојано да ги снабдуваме нашите тела со овој витамин преку исхраната.

Вообичаени причини од кои се јавува недостаток на овој витамин се хроничен алкохолизам, цироза на црниот дроб, уремија, лоша апсорпција предизвикана од воспалителни цревни болести, целијачна болест, слабо срце и од некои лекови кои можат да пречат на апсорпцијата.

Симптомите кои се јавуваат како резултат од недостатокот на овој витамин влијаат на нервниот систем, притоа предизвикувајќи мускулна слабост. Недостаток на Б6 влијае на нивото на серотонин и норепинефрин во мозокот што предизвикува промени во расположението. Други симптоми можат да бидат раздразливост, депресија, губење на краткотрајната меморија и недостаток на концентрација. Дури може да предизвика и рани на устата и на јазикот.

Здравствени придобивки од суплементи со витаминот Б6
Суплементација со витаминот Б6 се зема за лекување на неговиот недостаток, но не се препорачува доколку уредно се внесува преку исхраната.

Некои научни истражувања покажаа дека овој суплемент може да се користи за лекување и спречување на срцеви заболувања, третман за сидеробластна анемија, акатизија, предменструален синдром, утринска мачнина при бременост, како и при третмани на алцхајмерова болест.

Несакани ефекти и токсичност на витаминот Б6
Препорачаната дневна доза за возрасни е 1.3 милиграми. Безбедна доза на овој витамин е максимален внес до 100 милиграми дневно. Во поголеми дози, може да предизвика оштетување на нервите што ќе резултира со вкочанетост и болка во рацете и нозете.

Телото природно го исфрла вишокот на витамин Б6 преку бубрезите, па затоа и предозирањето е ретка појава. Токсичните ефекти при високи дози на витаминот Б6 се реверзибилни штом се прекине со негово внесување.

Витаминот Б6 е есенцијален витамин за оптимално здравје. Но нашето тело бара само малку од него за да се одржи здравјето. Ако размислувате да земете суплементација со Б6 витамин, секогаш консултирајте се со вашиот лекар, кој најубаво знае дали тој ќе ви биде од некаква корист. Повеќето од нас не треба да го земаат како суплемент, туку како примарен извор треба да ја користиме храната.