Наслов

Дефиниција за вкусот на пролетта - јагоди

Од шума, од двор, од пазар или од продавница, не ја пропуштајте кратката сезона на јаготките. Можеби нежни и фрагилни на прв поглед, но преполни со витамини и антиоксиданси... Дали се полезни колку што се вкусни?

Јагодите се одличен извор на антиоксиданси. Како што созреваат и поцрвенуваат „ко жарчиња в лице горат, мислиш нешто срамно зборат...“ содржината на антиоксидансите во плодот расте. Особено вредни за потенцирање се антоцијанините кои поседуваат антиинфламаторни карактеристики. Овие фитонутрициенси заедно со трепеноидите, фенолите и елагичната киселина, претставуваат одлична комбинација од антиоксиданси кои ги уништуваат слободните радикали во телото и го намалуваат нивото на Ц реактивниот протеин (CRP) кога се консумираат редовно.


 Боровинки и јаготки секојдневно!


Во една доза јаготки, околу 150 грама, ќе добиете и повеќе од потребниот Ц витамин за претстојниот ден. Јаготките се познати по содржината на овој витамин, кој е важен за превенција на вирози и настинки, но и го подобрува имуниот систем. Најголема количина Ц витамин има во јагодите кои се свежно набрани, а после 2 дена неговата концентрација опаѓа „па одвај го држат сокот за да не му мине рокот...“. Тоа никако не значи дека јаготките не се погодни за јадење.

Јагодата има многу малку калории, околу 50 во една шолја, но исто така има и низок гликемичен индекс, па го одржуваат стабилен шеќерот во крвта. Според истражувањата, јагодите се погодни за луѓе кои боледуваат од дијабет тип 2 токму поради овие карактеристики.

Сите погоре споменати елементи ги прават јагодите одличен сојузник на кардиоваскуларниот и ендокриниот систем,  кои трпат најмногу од штета од оксидативните и инфламаторните процеси во телото. Јагодите ги превенираат и минимизираат токму тие процеси.

Јагодите се преслатки и во својата наједноставна форма, само измиени. Дополнително можете да ги искомбинирате со крем јогурт, како смути, во овошна или зеленчукова салата. Како и да е, со секоја јаготка вкусувате по малку пролет и спечалувате доза здравје.

09 Мај 2015

За авторот