Зелен е, или не е?

Зошто зелениот чај понекогаш има жолта боја?

Купуваш зелен, го вариш, а пиеш кафен или можеби жолт. Некој, не се замара во врска со прашањево, ама некој честопати се „чешкал“ по глава.. Еве одговор за вториве чајопијци.

Точно е дека зелениот чај е крстен по неговата уникатна боја, но зошто често пати после неговата припрема тој има некоја жолто – кафена нијанса која е далеку од зелена? Демонтираме малку хербални мистерии.

Врз изгледот на зелениот чајот влијаат многу фактори кој мора да се усогласат за да се добие најздравата можна нијанса на оваа напивка која патем е опишана токму преку неговата светло зелена боја.

Ливчињата на растението Camellia sinensis всушност се користат за производство на различни видови на чај како што се белиот, зелениот, црниот и бројни други индиски видови. Всушност, истите ливчиња обработени со различни методи даваат различни видови на чај и различни нијанси.

Па така се создале и различни видови на зелената варијанта во зависност од условите на растење, поднебјето, хортикултурата, дали чајот растел на сонце или сенка, процесите на продукција и времето на берење.

Сè е до фармерот. Доколку ливчињата треба да се искористат за производство на зелен чај тие треба непосредно после берењето што побрзо да се однесат на понатамошна обработка како би се спречило деструктивното дејство на ензимите врз мноштвото на антиоксиданси во чајот. Многу често тие се замрзнуваат со што се зачувуваат неговите здравствени бенефиции. Со овие превземени процедури се зачувува и бојата на чајот.

Доколку тој се остави да се суши на сонцето како продукт ќе се добие црн чај кој е со далеку помал здравствен потенцијал бидејќи се губат голем дел од антиоксидансите во него.

Следната постапка на обработка зависи исто така од производителот. Така кинеските верзии на зелениот чај се печат, со што на зелениот чај му се дава некоја златно жолта нијанса. За разлика, нивните комшии во Јапонија го обработуваат зелениот чај на пареа со што се задржува неговата дистинктивна боја.

Значи доколку сакате навистина да пиете зелен чај пробајте да најдете можеби малку поскап јапонски зелен чај иако и двата вида (и оној кинескиот со жолта нијанса) даваат поголем здравствен благодат од на пример црниот чај.

Тука влијаат и мноштво други фактори како рокот на чајот, влажноста во која бил чуван, светлината, дали е пакуван во кесички или како ливчиња, но можеби најважниот момент за неговата боја е и неговoто подготвување.

Подготовката на чајот целосно влијае на неговата боја и содржина. Треба да се внимава на температурата на водата, времетраењето на припремата, филџанот во кој се служи, колку ливчиња ќе се искористат и многу други фактори.

Дополнително за начинот на припрема информирајте се тука, наздравете и заздравете!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија