Наслов

Вертикален километар / Лешница - Титов Врв

Овој викенд, во организација на ПСД Макпетрол и TREX ќе се одржи исклучително интересна планинска трка од бисерот на Шара, Лешница преку Среден Камен, до Титов Врв. Близу 4 километри должина, а цели 1000 метри висинска разлика за многу адреналин и големи искушенија.

Трката е закажана за 21 септември и за прв пат ќе се одржи на оваа траса. Патеката е со должина од 3900 метри, во кои се искачуваат 1000 метри висинска разлика во исклучително тежок, карпест терен.

Овој тип на планински трки стануваат сè попримамливи во целиот свет поради тоа што претставуваат тежок зафат за натпреварувачите, но и големо задоволство поради прекрасните глетки што ги нуди планината.

Збирното место ќе биде близу бачилото на Долна Лешница, стартот е закажан во 10 часот, а натпреварувачите и сите кои сакаат да присуствуваат ќе имаат можност да преспијат во шатори претходната ноќ. Патеката е целосно маркирана и минува низ еден од најживописните предели на Македонија, кои дефинитивно секој треба да ги види и прошета, доколку има можност и да ги истрча.

Во случај на лоши временски услови организаторите го имаат правото да го откажат или прекинат настанот, но временската прогноза вели дека овој викенд ќе имаме одлични временски услови за уживање во планината.

Секој кој има желба може да дојде, да го проследи настанот и да си го исполни викендот со едно прекрасно искуство.

16 Септември 2014

За авторот