Трета смена трчање во Битола за поарни услови за спортување

Наслов

Битолска Трета Смена на ноќно трчање

Да не речите дека битолчани само мрзеливо седат на каве, и денгубат по Широк Сокак затоа што има бројни активни луѓе и фаци кои се залагаат за спортот и рекреацијата во Битола и Македонија.

За поздрав се сите вакви граѓански иницијативи кои преку спорт и рекреација имаат намера да потенцираат одреден проблем за кој е потребно соодветно решение. Таков пример е скорешно формираната битолска Трета Смена која покрај борбата за правата на работникот и неговото слободно време (затоа и трета смена) се бори и за соодветно уредени патеки за трчање и пешачење.

Тие се неформална група на граѓани од Битола кои сакаат да ги поттикнат спортско-рекреативните активности во овој град, а настапуваат под мотот „Ноќно трчање за здраво и слободно постоење”. 

Идејата зад иницијативата е борба за правата на работникот и неговото слободно време па затоа и групата симболично го носи името Трета Смена, а дополнително тие сакаат да привлечат внимание и да покренат што повеќе луѓе да рекреираат и спортуваат - вели Влатко Деловски.

Досега тие имаат направено едно рекреативно трчање под името Трк до Целта, а ваквите настани се во план да продолжат со организирањето и во наредните месеци на секоја прва среда од месецот. Денеска (2 декември) е првата среда од декември, па затоа следи Трк до Целта #2.

Дополнително тие сакаат да упатат и апел за подобрување на условите за спортување и рекреирање во Битола, особено за подобрување на патеките за трчање, а ние искрено ги поддржуваме и веруваме дека ќе наидат на масовност и брзи решенија. 

Па еве бујрум, кој е слободен денеска и е во Битола нека се придружи на кратко ноќно трчање низ убавите битолски сокаци.

02 Декември 2015

За авторот