Експедиција

Наслов

Спомени од Манаслу 1986

Поминаа 30 години од изведувањето на оваа акција. Текстот што следи е во скратена верзија со акцент на позначајните моменти и доживувања.

Деновите поминуваа, а ние ја користевме максимално секоја прилика од се пореткото стабилно време, за да напредуваме и да фиксираме нови делници од нашата насока.

Во една прилика додека со Диме се обидувавме да пронајдиме место за поминување преку една огромна пукнатина, ми се случи несреќа што за среќа добро заврши. Имаше нешто како мал мост од натрупан мраз и снег што ја премостуваше пукнатината. Го обезбедував Диме додека го поминуваше тој дел со цел да фиксира јаже на тоа место.Диме успеа да го стори тоа, и потоа дојде ред на мене. Внимателно тргнав, и кога бев некаде на самиот крај, одеднаш го изгубив тлото под моите нозе. Останав да висам над пукнатината, и на гуртната со карабинер што ми беше прикопчан на фиксираното јаже. Успеав некако да се извлечам од таа ситуација. Во такви моменти човек нема време да се уплаши. Се се случи премногу брзо за да се почувствува такво нешто. Продолживме нагоре. Во следните денови на подобро време, Диме, Боби-Екстрем, заедно со Серѓо, Борче и Ѓока, го поставија и вториот висински логор на 5,720 метри. Тој логор беше можеби најстрашниот, но и најсреќниот дел од целата наша активност на Манаслу. На два пати беше целосно уништен од лавина, но за среќа кога тоа се случи во него немаше никој од нашите другари, иако во тој логор понекогаш спиевме и по 7 луѓе.

Логорот го поместивме малку полево, затоа што мислевме дека можеби таму ќе бидеме побезбедни, но се испостави дека тоа не бесе така. Во една прилика кога бев таму со Диме, и додека гледавме нагоре кон врвот правејќи планови каде да се движиме, слушнавме трескот во горниот дел од насоката. За миг кон нас со голема брзина се приближуваше лавина од мраз измешан со новопаднатиот снег. Во тие неколку секунди во прво време сметавме дека сме на безбедно место, и сеуште гледавме нагоре без да реагираме. Одеднаш Диме викна: "Боби, абе ова на нас иди!!".. Се стрчавме кон ѕидот од снег што самите го имавме ископано веднаш до нашите шатори. Се склопчивме залепени до него, и гледајќи еден во друг чекавме лавината да помине над нас. Но таа помина на само неколку метри покрај нашиот шатор. Колку е човек беспомошен во такви моменти. Се сеќавам на мислата што тогаш ми помина низ главата, "Значи вака изгледа тоа..сега ќе почни да не мели лавината". Боби поувствува како изгледа да се најдеш на патот од лавината во една ситуација слична на нашата. Имаше среќа што лавината беше од свежо наврнат снег и со помала сила, па ја немаше онаа позната разурнувачка моќ на раскинување. Беше затрупан до самиот врат, и малку фалеше тоа негово искуство да биде со трагичен крај.

Сите овие искуства резултираа со огромно физичко и психичко оптеретување кај сите членови од тимот. Во тие момент си викав: "Добро Боби, тоа е тоа, да си активен во алпинизмот значи да совладуваш проблеми и тешкотии, одиме понатаму". Еден момент од нашето искачување, мене ќе ми остане засекогаш во сеќавање. Јас Диме и Трајче бевме тргнати нагоре кон нашиот трет висински логор што го имавме поставено на 6,550 метри..Тоа всушност беше отворен бивак во самата вертикала од карпата. Најдовме едно мало вдлабнување во самата карпа, и таму спиевме. Од евентуалното паѓање во амбисот не штитеше само еден распнат шатор што ни служеше како бариера. Имавме намера да пристигнеме таа вечер до тој логор, и следниот ден да продолжиме со нашата работа во горниот дел од насоката. Трајче се пожали дека му се премрзнати нозете и одлучи да се врати назад.

Јас и Диме продолживме нагоре. Веќе беше сосема темно кога дојдовме до дел од насоката каде сто имаше пречка во лево, и потоа вертикала право нагоре до нашиот логор. Месечината се пресликуваше на смрзнатата површина од карпата што беше како стакло. Диме одеше прв и малку пред мене. За момент застана и потоа ми се обрати: "Ги нема фиксираните јажиња, ги има однесено лавина!". По кратко размислување му реков дека е најдобро да се вратиме и да не ризикуваме без потреба. Ние не носевме опрема за да се обезбедуваме меѓусебно, а тоа значеше дека ќе мораме слободно да го поминеме овој дел. Му реков дека е најдобро да се спуштиме во долниот логор, и утре по ден да го обезбедиме повторно овој дел. Диме сакаше да продолжи, и тогаш се разидовме во нашите ставови. Јас почнав да се спуштам надолу. Колку што можам да се сетам, се спуштив сосема долу до базниот логор. Бев под големо психичко оптеретување. За мене ова значеше дека ние престанавме да функционираме како тим. А јас не сакав да го прифатам сознанието и она што се надѕираше, дека во нашата огромна желба да успееме, почнавме да го уриваме нашиот основен концепт за внимателност и користење на здравиот разум. Доколку се работеше за финален обид за искачување на врвот, или пак за некаква инцидентна ситуација кога немаме друг избор, а такви моменти во алпинизмот секако дека постојат, ќе го прифатев тој моментум и ќе продолжев напред. Но оваа ситуација беше сосема поинаква. Ние имавме избор да не се изложуваме на тој ризик таа вечер, и можевме да продолжиме со нашето качување следното утро. Во секој случај ова се косеше со мојот начин на размислување и концепт, и со тоа како ги поставувам работите кога се подготвувам за некое искачување. Јас претходно сум бил во ситуација да правам соло искачувања, и за мене тоа не беше ништо ново. Едноставно..мислев дека нема потреба од таков ризик. Подоцна размислував за тоа кој кого остави таму таа вечер. Дали јас Диме, или пак тој мене. Констатирав дека во прашанје не бесе ниту едното ниту пак другото. Сите ние бевме доволно искусни алпинисти, и бевме сосема свесни за сите можни опасности и деликатни моменти на кои што наидуваме. Моменталниот ризик и нашата одлука како тогаш да се делува, се гради уште пред тој момент да се случи. Размислувањата за сите можни деликатни ситуации, помагаа да се припремиме за да го извлечеме максимумот од нашата моментална спремност, и да ги сведеме на минимум евентуалните грешки. Ова посебно се однесува за ситуации кога треба да донесеме одлука за некое соло искачување. На Јове долу му реков дека јас повеќе немам намера да работам на понатамошното искачување. Поминав еден ден во базниот логор. Бев многу оптеретен со последните случувања, и постојано размислував за тоа дека Диме горе остана сам. Добро е што Борче замина нагоре за да му се придружи. Следниот ден вечерта веќе неможев да го издржам притисокот. Кога сите веќе си легнуваа да спијат, некаде околу 22,00 часот, го спремив мојот ранец со опремата, и без никој да знае тргнав сам нагоре. Овој пат бев спремен за поголем ризик и неизвесност.

После извесно време пристигнав до местото каде сто беше нашиот прв висински логор на 4,900 метри. Од него до мене допираа звуци на рченје на некој од другарите што спиеја таму. Не се задржав воопшто на тоа место.Бев тивок за да не разбудам некој од нив, и само го продолжив мојот пат нагоре. Ги поминував сите оние места каде што порано имавме фиксирани јажиња сосема сам, и заедно со темнината што ми правеше друштво.  Одвреме-навреме се слушаше понекој татнеж од лавини што паѓаа во мојата близина. Имав убава вечер со повремена месечина што ми го осветлуваше патот. Дојдов и до местото каде што беше нашиот втор висински логор. Пред мене остануваше уште само делот од каде што се вратив предходно. Сеуште беше мрак. Утрото беше на самиот праг. На местото каде што се разделивме со Диме, почна да се разденува. Беше страшно ладно. Јас постојано бев во движење, но иако бев загреан и убаво наоблечен, сеуште чувствував неподнослив студ. Во такви моменти се јавува страв дека ако вака продолжи да паѓа температурата ќе се случи она најстрашното. Сознанието дека не мозеш да се стоплиш, а се наоѓаш некаде таму горе и во такви услови е навистина нешто што не би сакале да го доживеете. Јас веќе немав што повеќе да облечам на себе, и единствено нешто што можев да направам е да продолжам да се движам. Сонцето се повеќе и повеќе се подигаше на хоризонтот, и јас почнав да чувствувам дека студот постепено почнува да попушта. Убаво е тоа чувство на постепена топлина што те обзема, како некој да те гали по телото. На дваесетина метри над мене, го забележав распнатиот шатор од нашиот бивак на 6,550 метри. Го забележав Борче како гледа надолу. Еееј!!..што правиш ти таму? ми викна Борче. Повторно бевме заедно. Јас Диме и Борце. Поминав во еден здив 2,350 метри висинска разлика за да им се придружам..

Сите тројца продолживме со фиксирање на јажиња во следниот дел од насоката. Тоа беше и технички најтешкиот дел досега. Диме имаше завршено убава работа претходните денови таму. Веќе немаше промена со нови луѓе што работеа наизменично на горниот дел од насоката. Ние воопшто не се спуштавме подолу од третиот логор што беше на 6,550м. Експедицијата влезе во пресудната и критична фаза. Време имавме се помалку на располагање, и оној период што требаше да биде со најоптимални временски услови за работа, веќе беше при крај. Хималајската зима беше на прагот. Шерпасите исплашени од се она сто се случуваше минатите денови, стануваа се покомплицирани, и се поретко вршеа дотур на храна и опрема нагоре. Со Диме бевме првите што успеавме да излезиме на седлото што се наоѓа на 6,950 метри, помегу Пик 29, и Манаслу. Тоа беше вистинска еуфорија од радост и силни емоции. Се прегрнувавме и си честитавме еден на друг. Се радувавме како деца. Најтешкото беше поминато. Според информациите сто ги имавме од дневникот на полската експедиција, после 23 дена на работа колку што ним им биле потребни за да стигнат до ова место, во следните два дена успеале да се качат на врвот. Следниот ден го подигнавме нашиот четврти висински логор на 7,600 метри.


 ПЛАНИНА ВО ЧОВЕКОТ И ЧОВЕК ВО ПЛАНИНАТА


Редоследот на настаните и сите пропратни моменти од нашиот престој во овој логор, тешко се опишуваат со зборови. Кога го подигнавме шаторот и се сместивме во него, мислевме дека ќе бидеме само накратко тука. Бевме подготвени да го качиме врвот, и потоа да си одиме дома. Имаше посилен ветар, но не беше ништо посебно страшно за да бидеме загрижени. Проблем беше што шерпасите престанаа сосема да вршат дотур на опрема и храна нагоре. Тие воопшто не пристигнаа до овој логор. За високи премии донесоа нешто од опремата до третиот висински логор на 6,550 метри, и само еднаш дојде еден од нив до седлото на 6,950 метри. Ние се спуштавме повеќе пати надолу за да донесеме се она што ни е потребно во четвртиот висински логор. Тоа беше истоштувачка работа. Одкако горе имавме се што ни треба, боци со кислород и доволно храна за секој случај доколку не успееме во нашиот прв обид со искачувањето на врвот, се спремивме следното утро да одиме нагоре. Таа вечер се појави силен ветар. Се надевавме дека ќе престани, и дека ќе биде се во ред кога ќе се раздени. Иако утрото видовме дека тоа не е така, ние се спремивме да одиме кон врвот. Ги наместивме дерезите, и излеговме надвор спремни да тргнеме.Ветарот беше премногу силен, и наоколу почнаа да се формираат загрижувачки темни облаци.Одлучивме сепак да го откажеме нашето качување за тој ден.

Таа вечер беше ужасна. Ветарот беше толку силен што ми го лепеше платното од саторот на моето лице. Бевме тивки, и воопшто не се обидувавме да разговараме помеѓу себе. Во такви моменти и на таа височина не смее да се направи никаква грешка. Треба внимателно да се следи секоја промена што се случува кај нас. Секој од нас треба да биде свесен за моменталниот капацитет о расположлива сила. Доколку почувствуваш некои здравствени проблеми, другарите колку и да сакаат да ти помогнат, нема да бидат во состојба да го сторат тоа. Ќе останеш засекогаш таму. Се обидувавме да зготвиме нешто за јадење.И самото полнење на лончето за готвење со снег, беше напорна работа. Поради ниската температура и разредениот воздух, топењето на снегот трае многу подолго одколку долу. Додека чекавме тоа да се случи, понекогаш заспивавме истоштени од се. Кога ќе се разбудевме, се забележуваше дека снегот се стопил но водата повторно замрзнала одкако се потрошила малата плинска боца. Постепено, престанавме сосема да јадеме.Немавме никаков апетит, и тоа беше навистина загрижувачка работа. Знаев дека мораме да јадеме нешто за да закрепнеме, без разлика колку и да ни беше тешко тоа. Но тогаш и таму, беше многу полесно да се констатира, а многу потешко да се направи тоа. Времето не се поправаше, и ние веќе полека почнавме да губиме ориентација колку долго сме таму. Само ретките контакти со базниот логор преку рачните радио станици, не потсетуваа на тоа. Една од тие измачувачки вечери кога се обидував да заспијам, а ветрот го раскинуваше нашиот шатор, почнав да слушам музика. Беше тоа нешто како хорско пеење. posledniot logor na 7600m Зарем е можно да се слуша радиото од нашиот базен логор дури до овде си помислив. Се разбира дека тоа не беше возможно. Во ниеден момент не користевме од боците со кислород додека бевме горе. Кислородот го чувавме за напад кон врвот. Има голема разлика да се исфорсира врв од 7600 метри без користење на кислород, што е всушност и општо позната работа, но да се помине неколку дена на оваа височина без негово користење е нешто сосема друго. Горе стануваше се покритично. Борче постојано ги масираше премрзнатите нозе. Диме беше во најдобра состојба, но сите тројца бевме многу истоштени. Размислувавме без оглед на се да тргнеме нагоре, и да се обидеме да излезиме на врвот. Можеби и ќе успеевме во тоа, но со оглед на се она сто поминавме изминатите денови, ние веќе бевме при крај со нашите сили. Таквиот обид можеше да биде многу ризичен, посебно при враќањето од врвот кога се случуваат најмногу несреќи според статистиката што постои. Од базниот логор постојано ја следеа нашата ситуација преку радио станицата што ја имавме. Од таму имавме воспоставено врска со Скопје и со комитетот што беше формиран за реализација на оваа наша експедиција. Кога тие разбраа што се случува горе, донесоа одлука да се прекинат сите обиди за излегување на врвот.  Ни беше налозено да се вратиме долу..

За тоа колку тешко го доживеавме сето ова, можам да пишувам и повеќе од се ова што досега го напишав. Низ нашите глави поминуваа сите оние моменти што ги преживуваме изминатиот период. Сите наши обиди и макотрпна работа. Сите наши желби и откажувања. Зарем се беше залудно?. Сепак, одкако помина извесно време и ни се средија мислите, свативме дека тоа не беше така. Искуствата со кои што се здобивме тогаш беа огромни. Зборовите на Јован Попоски, водачот на оваа експедиција, тоа најдобро го објаснуваат. На прашанјето за тоа како ја оценува ова акција бидејќи врвот не беше достигнат рече: "Достигнатата височина, и искуството со кое што се здобивме изведувајќи ја оваа акција под условите што ние ги имавме, се многу поголеми, одколку барем половина од луѓето да се качеа на врвот по убаво време"

Ако некогаш имам можност да одберам кој врв би сакал да го качувам од 8000 метри, тоа секако би бил повторно Манаслу.Таму горе високо во неговите пазуви, сватив колку сме ништожни во споредба со тие грандиозни дела на природата. Иако разочаран што не успеавме да стигнеме до врвот, се чувствував некако исполнет и многу поискусен од порано. Манаслу, планината на духовите, не испрати побогати со многу нови сознанија и продуховени дома. Кога ги собравме шаторите од базниот логор кој беше нашиот дом во изминатите 45 дена, бев со измешани чувства. Уморен..тажен разочаран, но и среќен. Среќен затоа што наскоро ќе се видам со моите најблиски дома. Кога тргнавме да си одиме, и кога повторно бевме караван со многу носачи, но овојпат во спротивна насока, постојано се осврнував назад за да го видам Манаслу. Но тој повеќе не се гледаше. Хималајската зима веќе беше тука, и целиот масив беше обвиткан во темни облаци. Представата беше завршена, а завесите спуштени. Време беше да си одиме дома..

П.С.
*Споредувајќи ги записите од дневникот на полската експедиција што беше изведена на Манаслу во 1984г. се поставува прашањето зошто на истото место дојде до толку голема разлика во лавинските услови кога се знае дека и тие и ние работевме во истиот временски период според кој требаше да имаме најоптимални услови?
Временските услови во 1984 година биле сосема разлицни. Според информациите што ги добивме од нив, од 14 септември - до 12 октомври таа година, времето на Манаслу било сончево и стабилно, и без врнежи. Само од 12 до 15 септември заврнало снег од 10цм во базата,а на 5,720 метри каде што и тие го имаа поставено вториот висински логор, заврнале 120цм снег. И потоа повторно имале убаво и стабилно време. За разлика од тогаш ние, од 11 септември - до 13 октомври имавме само седум убави денови со сонце. Сите други беа со врнежи од снег, а од тоа на четири пати заврна и над 100цм на нов снег во горните делови од планината. Тоа е причината што имавме толку многу лавини. Понекогаш се случуваа и по десетина лавини дневно од кои што половината беа крајно опасни.

15 Јуни 2016

За авторот