разговор со Слободан Јованоски

Наслов

Планина во Човекот и Човек во Планината

Ако некогаш сте го запознале, знаете за што зборувам, корав поглед, устремен високо што е доволен вовед во енергичноста на тоа што ќе го чуете од него. Слободан Јованоски скратено Боби, е дел од златните години на алпинизмот во Македонија, дел од сите експедиции кој претходеа на најголемиот успех достигнат од таа генерација во 89 година искачувајќи го Монт Еверест, каде загинува Димитар Илиевски Мурато првиот македонец на врвот на светот, занавек.

Животниот пат на Боби секогаш врвел по планинските патеки, па така и денес ќе можете да го сретнете по планинарските домови, стуткан во некој шатор или како искачува некој смер. Тимот на К4Т ја искористи можноста да поразговара со него, онака лежерно низ чаша вино, за некој спомени и почетоци во тоа време, како дел од нашата мисија да го сочуваме и помниме тоа што многумина го заборавија а е вредно за почит.

К4Т-Помниш ли фотографија од првиот врв кој те поведе?                                                  
БОБИ-Планините многу рано станаа составен дел од моето битие. Кога бев тинејџер, и кога е многу природно да залепиш фотографија дома од некоја убава девојка, мојата соба беше исполнета со постери од планини и заснежени врвови. Да не бидам погрешно сватен..не дека не бев заинтересиран за девојките, но во мене имаше нешто што неможев да си го објаснам. Имаше некоја магија во сите тие пространства што стоеа пред мене. Уште како мал, кога ќе се движев во природа, а подоцна и на планина, чувствував дека тука ми е убаво, наоѓав содржина во сето тоа.

Дали помнам фотографија од првиот врв што ме поведе. Незнам дали тоа може да се нарече фотографија, затоа што тоа всушност беше една илустрација во средината на една ЛП-плоча. Албумот беше од Rick Wane, инструментални нумери на клавијатура. И во него имаше мотив од заснежени планини во самрак, и две фигури од мраз со човечки облик како се движат во просторот покажувајќи кон еден прекрасен врв што го пара небото. Тогаш сеуште незнаев дека тој врв навистина постои, и се вика Маттерхорн. Тогаш сеуште не бев планинар, ниту пак бев член на некој планинарски клуб, но ете таа слика остана трајно врежана во мене до ден денес.

К4Т-Беше ли член на тогашните планинарски друштва?
БОБИ-Првите мои почетоци беа неорганизирани посетувања на планините. Одев на Водно со мојот другар од детството. Со роднините од Битола на Пелистер и други места. Моето организирано движење на планина започна од моментот кога се зачленив во планинарскиот клуб - "Драчево". Немав никаква опрема и имаше многу смешни ситуации во тоа време.

Се сеќавам.. отидов на Караџица во зимски услови со топлинки (антилопски чевли) што толку многу се нацицаа со вода од снегот, што при секој чекор го испуштаа оној препознатлив звук на истиснување на воздух и вода под притисок додека се движев. Но ете.. покрај тоа што ми бесе страшно ладно, тоа не ми беше пречка да држам чекор со останатите што беа комплетно опремени за такви услови.

К4Т- Како се случи да ве регрутираат во целиот тој процес кој траеше неколку години, како сето тоа започна?
БОБИ-Се започна од оној момент кога во Планинарскиот клуб - Драчево, пристигна писмо од "Комисијата за алпинизам и експедиции", во кое што стоеше, дека е донесена одлука за одпочнување на програма за формирање на селекција што ќе представува еден вид алпинистичка репрезентација на Македонија. Крајна цел на овој тим беше освојување на највисокиот врв на светот - Монт Еверест 8848м.н.в. Секој клуб можеше да испрати од два до три члена што ќе учествуваат во целата предвидена програма што следи.

Целта беше етапно прибирање на искуства и проверка на личните капацитети, преку многу тестирања. Одбраните членови требаше да земат учество во првата алпинистичка експедиција на Андите и врвот Хуаскаран 6768м.н.в во Перу. Акцијата беше планирана да се изведе во почетокот на летото 1982 година. Писмото пристигна во февруари 1981 година и имавме на располагање повеќе од една година преку интензивни проверки и тестирања, да се одбере тим за оваа акција. На состанокот беше одлучено да се испратат 3 члена од нашиот клуб, колку ете.. да не се каже дека не сме заинтересирани за овој проект. Интересно беше тоа што беше оставен простор и можност да се пријавуваат и оние понеискусните, да работат со останатите што веќе имаа завидно искуство зад себе.

Никој од нашиот клуб не очекуваше дека некој од нас, ќе обезбеди место во тимот, но ова беше одлична можност да се научат многу работи од луѓе што веќе биле на Монт Блан 4810м.н.в, Матерхорн 4478 м.н.в, и други врвови и алпинистички насоки во централни Алпи и Македонија. Моите другари од клубот се откажаа веднаш после првите тестирања на Матка и нашите први алпинистички искуства.

К4Т-Кога се запозна со Јован Попоски (водач на проектот и претседател на комисијата за алпинизам и експедиции од тоа време)?
БОБИ-Како што веќе спомнав, јас почнав да ги посетувам сите етапни припреми и средби што следеа. Не очекував апсолутно ништо од сето тоа. Само знам дека ми беше задоволство да бидам во друштво на луѓе што имаа солидно искуство зад себе.

Јован Попоски беше представник од Македонија во тимот што замина на Хималаите, во Непал, во 1981 година како дел од репрезентацијата на Југославија која имаше цел да ја искачи јужната стена на Лотце 8501м.н.в. Во тоа време тој проект беше насловен од прочуениот алпинист Раинхолд Меснер како алпинистичко достигнување за дваесет и првиот век. Со Јове се запознав кога на Матка ни раскажуваше за неговото искуство како учесник во таа експедиција.  Ни зборуваше за проектот што следи, дека кај нас во Македонија има потенцијал и капацитети за слични акции, и дека токму на таков проект почнуваме да работиме.

К4Т-Кој беше дел од тимот?
БОБИ-На првите наши средби, се пријавија многу членови на планинарски клубови од цела Македонија. После неколку месеци на интензивни тестирања, веќе почнаа да се издвојуваат оние најспремните и најискусните, и се разбира тука не бев јас.

Јас бев еден од најмладите, и најнеискусните, но и еден од најупорните. Беше вистинско изненадување за мене, и остварување на мојот сон кога една вечер, еден од другарите што веќе имаа обезбедено место во тимот, дојде кај мене и ми кажа дека сум влезен во потесниот круг на кандидатите како резерва. Јас тоа го доживеав, како да сум веќе член на тимот. Тоа беше пресуден момент за мене.

Нема да ја заборавам книгата "Планинарство и Алпинизам" во која што пишуваше дека: Да се занимаваш со алпинизам, значи да совладуваш проблеми и тешкотии. Тоа остана длабоко врежано во мене. Ми беше патоказ за се што правев на ова поле во иднина. Тоа ми помогна да истраам и во најтешките моменти. Тешкото ми стана подносливо и составен дел од моите припреми. Ми даваше сила во моите настојувања да се припремам што е можно подобро. Некаде два месеци пред заминувањето во Перу, ми беше кажано дека сум влезен во конечниот состав.

Останатите членови што заминаа на Хуаскаран 6768м.н.в, беа: Јован Попоски (водич), Иво Ивчевски, , Васил Франговски и Цветан Павловски од алпинистичкиот клуб "Матка" од Скопје, Јовчевски Борче од Велес, Љубомир Поп Стефанија од Охрид, Димитар Илиевски-Мурато, Ѓорѓи Костовски и Благојче Лазаров од Битола, Иван Жежовски од клубот Пеони и јас Слободан Јованоски и Панче Георгиевски од пл.клуб-Драчево.

К4Т-Која беше првата задача?
БОБИ-Првата задача беше да ги убедиме дома дека нема да не гледаат за викендите поради интензивните припреми. Мене ми беше полесно затоа што сеуште не бев женет. Но моите другари кои што беа, имаа сериозен проблем по ова прашање. Имавме и доста потешкотии околу ослободување од нашите работни обврски, но некако успевавме во тоа со асистенција и помош на некои луѓе.

Главна задача ни беше да се спремаме максимално во нашите индивидуални тренинзи. Посебно внимание посветувавме на кондиционите подготовки. Носење на тежок терет, трчање вежби во теретана за зголемување на снага. Подигнувања на вратило за зацврстување на мускулатурата на рацете. И секако што е можно повеќе искачувања во зимски и летни услови. Летните ги правевме на нашиот најблизок локалитет Матка, Демир Капија, на Нежиловски карпи, Северна триглавска стена. А зимските, на Лешница, во централни алпи и Монт Блан 4810м.н.в.. Качувавме и смерови во околината на глечерот Аргентиере, качувавме на врвот Тур Ноир 3836м.н.в Лес Коуртес 3856м.н.в. Овие подготовки на Алпите ги темпиравме да бидат некаде пред тргнувањето на самата главна експедиција, и ни служеа и нешто како увертира за висинска аклиматизација.

К4Т- Каков беше планот, и кој врвови се искачија тогаш?
БОБИ-Одговор на ова давам во мојот одговор на предходното прашање. Поставуваме и логор на Вале Бланце под Аугил ду Миди. Еден ден качувавме некој смер,а друг ден одевме до врв што ни служеше и како одлична кондициона и висинска припрема. Монт Блан го качувавме повеќе пати од таа страна. Качувавме и смерови како Гервасути кулоар, и насоката Ребуфат под Аугил ду Миди. Бевме ориентирани кон тоа да се припремиме максимално за освојување на големи височини, и не влегувавме во најтешките смерови што постоеја таму, но верувам дека доколку бевме ориентирани кон тоа ќе успеевме да реализираме некои од позвучните имиња и насоки во централни алпи.

К4Т-Кажи ни нешто како епилог на овој разговор!                                                                  БОБИ-Бидејќи не ми е лесно преку моите одговори на досегашните прашања да опфатам еден период што траеше неколку години ќе се обидам да го заокружам ова мое потсетување за најважните моменти за време на периодот кога јас бев најактивен со алпинизмот во Македонија.

Можам да кажам дека начинот на кој функционираше тогашната "Комисија за алпинизам и експедиции", беше доста ефикасна. Беше оставен простор за докажување на личните способности и капацитети подеднакво на сите.

Јас заминав на Хуаскаран 6768м.н.в како млад и неискусен, но се вратив со три искачени врва. Успеав да бидам дел од максимумот што беше постигнат на сите следни акции. Јас, Димитар Илиевски-Мурато, Благојче Лазаров и Ѓорѓи Костовски од Битола, се искачивме на врвовите: Шопикалки-6400м.н.в северниот врв на Хуаскаран 6600м.н.в и главниот јужен врв на Хуаскаран-6768м.н.в.

Во почетокот на 1983 година заминав на отслужување на воениот рок. По враќањето се приклучив во припремите за акцијата на Памир 84. Таму успеавме да го искачиме врвот Пик Четворјох 6400м, и потоа заедно со Димитар Илиевски-Мурато, Ѓорѓи Костовски и Јован Попоски, се искачивме на Пик Комунизам 7495м.н.в. На нашата прва македонска хималајска експедиција во 1986 година на Манаслу 8156м.н.в од неговата најделикатна и најтешка јужна страна, бев еден од тројцата што останаа неколку дена без користење на кислород на височина од 7400м.н.в. Чекавме подобрување на временските услови за конечно излегување на врвот. Со Диме и Борче се надевавме дека ќе ни се укаже шанса за да го направиме нашиот конечен обид да се искачиме на врвот.  Преку радио врска што постојано ја одржувавме со комитетот во Македонија, ни беше наредено да не ризикуваме по секоја цена, бидејќи се очекуваше и понатамошно влошување на условите, и да се спуштиме долу.

Искуството што јас лично, а и моите другари го добивме таму беше огромно. На Еверест не заминав.. Не ми беше лесно да донесам таква одлука. Имав веќе обезбедено место во тимот и веќе докажав дека сум способен за совладување на големи височини. Морав да се откажам поради семејни причини. Мислата дали ќе успеев и таму, ме прогонуваше со години. Незнам.... но знам дека секогаш бев максимално сериозен кон секој проект каде што учествував и бев дел од максимумот што беше постигнуван на сите акции.
За крај би додал нешто што многу пати сум го кажувал и ќе го повторам и во оваа прилика. Не заостануваме во ништо од сите оние нации што постигнуваат одлични резултати на полето на алпинизмот или во некој друг спорт. Го имаме истиот потенцијал како и тие.

Тајната лежи во работата и систематското и максимално искористување на нашите капацитети. Секогаш чувствував дека можам да направам и повеќе од она што го постигнав во изминатиот период. За некој се што постигнал, може да биде прашање на лични можности, а за некој прашање на укажана прилика. За краток временски и развоен период, и со ограничени средства, успеавме да направиме и постигнеме многу.         

Се радувам кога гледам дека има многу талентирани млади луѓе што се активни во планинарството и алпинизмот во Македонија.

Се надевам дека некој го следи тоа како во времето кога и јас бев млад и жеден за докажување, и кога ми беше укажана прилика за тоа. Тоа е единствен и најисправен начин за да се искористи максимално овој потенцијал.

18 Јануари 2013

За авторот