Се сруши „Хилари Степ”?

Според последните изјави на посикусните високогорци кои повеќепати го искачиле Еверест, последниот потехнички сегмент за искачување на врвот Еверест од јужното седло и еден од најиконичните географски делови на планината – Хилари Степ се има срушено. Други пак тврдат дека тоа не е точно… 

Според последните изјави на британскиот високогорец Тим Моседал кој овој месец го искачи Еверест, скоро вертикалниот карпест сегмент висок околу 12 метри кој се наоѓа на југоисточниот срт се има срушено.

Уште минатата година на интернет се појавија информации и фотографии преку кои се шпекулираше дека навистина овој познат географски сегмент од планината е срушен, но информацијата не можеше да се потврди бидејќи делот беше покриен со повеќе снег. Претпоставките и тогаш и денес, се дека сегментот се има срушено во катастрофалниот земјотрес кој го погоди Непал во 2015 година.

Сепак, група на Шерпаси кои истотака оваа година беа на врвот, велат дека овие изјави се неточни и дека делот е само покриен со наноси на снег, па карпестите делови се скриени. Кон оваа изјава се приклучи и претседателот на Непалската Планинска Асоцијација Анг Тшеринг Шерпа кој даде изјава за BBC.

Овој дел од планината е крстен по еден од двајцата први искачувачи на Еверест Сер Едмунд Хилари кој заедно со Тензинг Норгеј во 1953 година за прв пат го искачуваат врвот.

Во овој дел од сртот се случуваат и најголем дел од гужвите на Еверест бидејќи е проблематично да се постави насока на движење во два правци па најчесто планинарите мора да чекаат ред за минување.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија