Неуспешно заврши и деветата експедиција на Карлос Сориа на Даулагири

Оваа пролетна хималајска сезона, 79-годишниот Карлос Сориа од Шпанија заедно со неговата екипа тргна во деветиот обид за искачување на неговата 13-та од 14 планини повисоки од 8000 метри. Кој е Карлос – човекот што цели да стане најстариот кој ја има комплетирано Хималајската круна, а досега држи старосен рекорд на 8 од овие врвови. 

Карлос Сориа Фонтан е роден на 5 фебруари 1939 година во Авиља, Шпанија. За прв пат се сретнува со планините на релативно млада возраст од 14 години и успева во текот целиот негов живот тој го одржи авантуристичкиот дух кон планините. 

Во 60-тите со Веспа оди до Алпите каде ги прави неговите први посериозни искачувања, а потоа следат Елбрус и Денали на Алјаска. Прв пат оди на хималајска експедиција во 1973 и 1975 година на Манаслу кога не успева да се искачи, нешто што го прави дури 37 години подоцна. 

„Манаслу беше исклучително големо задоволство за мене. Мојот прв обид беше во 1973 година кога имав 34 години, но дури по 37 години од тогаш и 4 неуспешни експедиции успеав да се најдам на врвот. Тоа беше еден од ретките моменти кога навистина ми се плачеше.” – изјавува Карлос за theBMC.co.uk.

Започнува со искачувања на повисоките хималајски врвови во 1990-тите години односно во неговите 50-ти години. Во таа декада тој успева да ги качи Нанга Парбат 1990 и Гашербрум 2 1994, а по неговите 60 години односно во период од 1999 до 2016 тој успева да искачи уште 10 од овие врвови што го прави единствен човек на планетата со вакво постигнување. 

Воедно, Карлос го држи и старосниот рекорд на 8 од овие врвови –  K2 на 65 години,  Брод Пик на 68, Макалу на 69 (соло и без кислород), Гашербрум I на 70, Манаслу на 71, Лоце 72, Кангченјунга на 75 и Анапурна на 77. Идејата за искачување на сите 14 врвови се раѓа по успехот на тешкиот К2 кој го прави на неверојатни 65 години. 

Во пакетот од Хималајската круна му остануваат уште Дхаулагири и Шиша Пангма за тој да стане најстариот човек кој ја комплетирал оваа листа на врвови после сонародникот Оскар Кадиак кој ги има искачено на негови 64 години. Сепак, со Дхаулагири тој се обидува веќе 9 пати но успехот никако да му се насмевне. 

Интересно е што на овие два врва тој веќе има правено за малку успешни искачувања. Минатата година тој и неговата екипа стигнаа до 8167 метри но поради густа магла мораа да го откажат искачувањето. Слична сторија има и за Шиша Пангма каде го има качено Централниот врв 8008 метри но не и највсиокиот 8027. 

Во неговите 60 години искуство во планините тој вели дека промените се на подобро: 

„Ако гледаме на опремата некогаш и денес, само ќе напоменам дека кондурите кои ги носев на МекКинли во 1971 година тежеа едно кило повеќе од оние што ги носам сега” – вели тој. 

„Ми текнува и на старите шатори со централна шипка кои беа навистина опасни доколку над вас се спрема хималајско невреме. Денеска има мноштво достапни информации за качување на интернет и тоа е одлично. Во однос на негативната страна, мора да се напомене дека масовноста има донесено извесна доза на егоистични луѓе во планините.”

Оваа сезона тој и неговиот тим повторно имаа лошо време, и никој од качувачите не успеа да се качи на врвот. Сепак, Карлос останува позитивен во неговата изјава: 

”Задоволни сме што дојдовме толку многу пати, особено јас. Никогаш не жалам за тоа. Одлично е да се биде тука. Некој ден ќе отидеме горе, веројатно…”

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија