Наслов

Чикаго Маратон - европски рекорд, aзиски рекорд и милионче во џеб

Годинешното издание на Чикаго Маратон ни донесе два нови континентални рекорди и еден маратонец побогат за сто милиони јени.

Мо Фарах

Чикаго Маратон е еден од шестте т.н. „Големи Маратони” (Major Marathons) заедно со маратоните во Бостон, Њујорк, Токио, Берлин и Лондон. Годинава маратонот во Чикаго се одржа на 7 Октомври и за разлика од вообичаената доминација на африканските тркачи овој пат победата и вниманието беа насочени кон Европа и Азија.

Победник на маратонот беше легендарниот Мо Фарах кој истрча време од 02:05:11 што е нов Британски и Европски рекорд. Тој го подобри рекордот за 37 секунди кој претходно беше во сопственост на Норвежанецот Сондре Нордстад Моен. За Мо Фарах ова е вкупно трет континентален рекорд. Покрај маратон тој ги држи и рекордите на 1500м и 10 000м. Со победата Мо Фарах заработи 100,000 долари.
Второпласиран беше Мосинет Геремев од Етиопија со време од 02:05:24 а кој во најдобрата тројка е единствениот кој има претрчано време под два часа и пет минути(02:04:00).

Сугуру Осаку

Третопласиран пак беше Јапонецот Сугуру Осаку (27) кој во својот втор маратон го поправи јапонскиот и азискиот рекорд со време од 02:05:50 со што стана првиот Јапонец и Азијат воопшто кој успеал да дојде до магичната граница под 02:06:00. За овој свој подвиг тој како награда за срушениот Јапонски рекорд заработи 100 милиони јени или 878,363 долари колку што изнесува премијата на Јапонската Атлетска Федерација за секој нов рекорд.

Вреди да се спомене и фактот дека новите рекорди кои беа поставени се исклучителен спортски подвиг кој тешко се достигнува но исто така се се уште далеку од најдобрите 100 времиња истрчани во најтешката дисциплина. Листата од најуспешни сто времиња сеуште е резервирана единствено за африканските тркачи.

Во женскиот дел од маратонот победи Кенијката Бригит Косегеи со време од 02:18:35 пред Етиопјанките Роза Дереје 02:21:18 и Шуре Демисе со 02:22:15.

 

09 Октомври 2018

За авторот