Бетовен на Струмина Треил 2015

Авторските права за музиката што го прави трчањето по асфалт, му припаѓаат на Моцарт. Неговите композиции се слушаат на секој маратон. Но, авторските права за планинарското трчање дефинитивно припаѓаат на Лудвиг ван Бетовен. На 15 Ноември, Бетовен и неговата „Ода на Радоста” ечеше по Штипските ридови. 

Струмина Треил 2015 за мене беше премиера во планинарското трчање. Терените надвор од урбаните предели ми се познати со години. Планинарењето си остава траен белег во сечиј рекреативен дух како техниката за возење велосипед. Така да искуството во пешачење официјално веќе го комбинирав со (полу)маратонското трчање и … и каков ден беше!

Сончев, топол есенски ден како што сите учесници посакувавме и каков што 5то одделенец би го опишал во неговиот состав за 5ка. Бевме екипа 3+1 (+1 беше велосипедист на пауза). Со расположени на ниво, од Виница до Штип се патуваше според пропишаните сообраќајни знаци (чак-пат троа повеќе) и се пристигна навреме. Веќе имаше пристигнати учесници и се земаа бројчињата.

Маестро Жикица настапи на сцена со микрофон во рака (не рапуваше) и за ак’л ни кажа како да го „тераме магарето” по ридовите. Сите останати салтанати пред Стартот се завршија навреме, се означи СТАРТ и 80 (и кусур) учесници го оправивме патот.

Првите километри, како и секогаш, се под голем адреналин. Мало невнимание може да го поремети ритамот и да направи беља уште на првите 3 километри. Видов на старт дека ќе имам работа со блага угорнина, слична на онаа со која тренирав по ридовите надвор од Виница. Ритмичко трчање со кратки чекори ми овозможи во еден здив да бидам на првата рамнина, каде веќе срцето се смири, белите дробови без напор слободно дишат, и колената работат без триење.

(“Бетовен се слуша, не Моцарт”)

Полека се оделив од толпата зад мене. Се оделив и од двајцата другари, Зоран Ристов и Роберт Илиев. За моја лична мотивација, на Стартот им реков “Очи да не им видам до финишот”. Патеката беше одлично обележана. Немаше шанси да го погрешиш патот. Со тек на време полека ги губев од вид тие што беа пред мене, но и никој не ме претекнуваше. Тоа за мене беше знак дека одржувам солидно темпо.

По удолниците се трудев да го надокнадам заостанатото време. Целосно внимавав да не нагазам некој мал камен, гранка или ивица од патеката. Погрешен чекор и отиде зглобот. Кошмарите од кошарката даваа слушаа сигнали како пораки од Viber

(“Бетовен се слуша, не Моцарт”)

Избегнувањето на камењата беше како Супер Марио стаза (ништо чудно и да ми се вртеше во главата познатата музика од играта во тие моменти).

Полека и сигурно пристигнав на окрепниот пункт кој беше на околу 9 километри. Малку чоколадо, две готлки Кола пијалок, 45 до 60 секудни одмор и продолжив по патот. Веќе не пијам ништо газирано! Во следните 5 километри мислев дека имам балон во стомакот. Од сега па натаму, си останувам со природниот, основен, пијалок – ВОДА! (На тренинзи и на трки, секогаш пијам вода после 10от километар, и тоа малку.).

Следеше угорница – Не ја трчав.
(“Бетовен се слуша, не Моцарт”)

Нема што да форсирам и да претерувам уште на првото учество (затоа и си дозволив газиран пијалок). Ги осеќав мускулите на нозете како “вријат”. Немав болки во зглобовите или колената но мускулите даваа знак дека се малку “прегреани”. Пешачењто по угорницата ги смири и веќе на сртот, беше 80% енергија во споредба со таа на Стартот .

Патот по сртот ми дојде како Пивото и Пастрамајлита после трката. Без никаков напор балонот од газираниот пијалок го снема и како во најава следуваше нова композиција.
(“Бетовен се слуша, не Моцарт”)

Мики (од Организаторите) се појави одтаде со бела капа и насочуваше кон негово лево, а за мене “другото” лево. За момент си помислив на Којотот со знак Detour и стрелка. После поздравот, свртив “на другото лево” и низ борова шума, трња, камењана стасав до угорницата пред врвот со белиот столб.

Клисибар (според Google, а и требаше да прашам таму) се викаше врвот. Од тамо удолница, па чешма, пак угорница (околу километар) и право кон Финишот.
Колената полека почнаа да дават знаци на замореност. Знаев дека со 2 минути одмор ќе ги рестартирав, но сепак сакам во еден здив да финиширам(а и бркав време).

Финишто го поминав сам – никој пред мене. На тоа беше додадено аплауз и малку личеше како да сум финиширал прв. Мислам дека нема да ми наштети ако 2-3 секунди си осетам како прв пред сите иако завршив 36ти. Зоран и Роберт финишираа заедно 2 минути подоцна. Со Зоран имаме слични времиња на Полумаратоните (на Поштенскиот Полумаратон во Прилеп направи 3 минути побрзо време, сега го бркам). Роберт сам си е “прича са насловне стране”. Најбрз е од тројцата без напорни тренинзи од нашите, но по ридовите свири Бетовен, не Моцарт.

Уште еден предизвик е комплетиран а желбата да се продолжи со учество на вакви настани се зацврсти. Дефинитивно припаѓам во ваква толпа народ и на вакви настани. Најмногу што остави впечаток е разновидноста на патека. Во суштина, такво и треба да биде планинарското трчање и тоа го добивме. Едноставен настан но со огромо срце, ендтузијазам и натпреварувачки дух.

Екипа TREX, каде и да организирате вакви настани, ние доаѓаме! Ве следиме каде се натпреварувате и да знаете дека мотивациски влијаете со вашите резултати и настани! Нека ечи Бетовен со сите свои композиции во планинарското трчање.

Crush records, ask questions later.