Бујрум

Ајде на качување во прекрасното Маврово

Продолжениов топол викенд што ѕирка на крајов од неделава можете пријатно да го изненадите под некоја мавровска ладовинка, активна дружба со многу качување, уживање во езерото и многу повеќе. Фестивалската атмосфера на „MAVROVO CLIMBING EPIC CHALLENGE 2015″ ќе си владее, ваше е да дојдете и да се стопите во неа.

Овој продолжен викенд со старт на 31.07 до 02.08 во Маврово ќе се одржи второто издание на „MAVROVO CLIMBING EPIC CHALLENGE 2015″, неколкудневен настан исполнет со пријатни спортски активности во природа на кое главното место го зазема качувањето.

Мини фестивалчето на отворено е во организација на СКК Вардар и школата за качување ClimbingSchool.mk кои во соработка со НП Маврово овој настан сакаат да го направат како едно своевидно промовирање на овој спорт, но и на огромните потенцијали на Маврово за практикување на спортското качување.

Во тридневната програма на настнот се вклучени повеќе активности кои можат да ги задоволат сите оние кои активно качуваат веќе подолго време, оние кои немаат никаква допирна точка со качувањето а сакаат да започнат, но и оние кои сакаат само да избегнат од градскиот метеж и високите летни температури и да олабават во природа.

Во текот на настанот ќе биде отворена работилницата за качување на која почетниците ќе може да се запознаат со основите на спортот, за оние понапредните тука се малиот милион на качувачки комбинации низ локалитетот, ќе има проекција на филмови, јога на отворено, мавровоското езеро е секогаш тука за освежување, а планините се на дофат за пријатна прошетка. 

Во склоп на фестивалот ќе има место за шаторски камп, a има и можност за сместување во хотелските капацити на Маврово. 

Што повеќе да ви зборуваме, ако досега не ви стана јасно. Убавините на Маврово Ве очекуваат, ваше е да ги посетите. 

Детали и контакти ТУКА

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија